Дали четиридневната работна недела е решение за подобар живот – и поголем профит?
Воведувањето на четиридневна работна недела го подобрува менталното здравје на вработените и носи корист за компаниите, покажува новата студија.
Економистката од Бостон колеџ, Џулиет Б. Шор, која е и главна истражувачка во организацијата 4 Day Week Global, три години следела над 245 компании и непрофитни организации кои го тестирале моделот на четиридневна работна недела. Во текст за The Wall Street Journal, таа наведува дека скратувањето на неделата за еден ден донело значајни придобивки за здравјето на вработените:
- речиси 70% од работниците изјавиле дека чувствуваат помал замор и исцрпеност,
- повеќе од 40% забележале подобрување на менталното здравје,
- 37% рекле дека им се подобрило и физичкото здравје.
Овие пилот-програми опфатиле 8.700 вработени ширум светот – вклучувајќи ги САД, Велика Британија, Бразил и Ирска – и траеле најмалку шест месеци во секоја компанија, пренесува Entrepreneur.
Помалку работни денови – повеќе приход
Од аспект на работодавачите, резултатите се исто така позитивни. Повеќето компании кои го тестирале четиридневниот модел забележале:
- зголемување на приходите,
- намалување на бројот на откази и
- поголемо задоволство кај вработените.
Повеќе од 90% од над 200 компании што ја започнале пилот-програмата до јуни 2023 година го задржале моделот и една година подоцна.
Еден од примерите е британската компанија за виртуелни облачни технологии Civo, која има 84 вработени. Тие започнале со тестирање во 2020 година, а од јануари 2021 година четиридневната недела станала официјална политика.
„Сите вработени работат четири дена неделно, а повеќето го одбраа петокот како слободен ден – што во суштина им овозможува продолжен викенд“, изјави директорот Марк Буст за The Register. Тој додаде дека продуктивноста не опаднала, а повратните информации од вработените биле извонредно позитивни.
Познатата платформа за групно финансирање Kickstarter исто така функционира по овој модел од 2021 година. Директорот Еверет Тејлор изјави дека ангажираноста на вработените се зголемила за дури 50%. „Вработените се многу продуктивни во тие четири работни дена“, нагласи тој.
Има ли недостатоци?
Иако сè повеќе компании го прифаќаат овој модел, не се сите ентузијасти. Според податоци на BBC, пократката работна недела може да значи дека истиот обем на работа мора да се заврши за пократко време, што кај некои вработени може да предизвика дополнителен стрес.
Интересен експеримент спроведе и компанијата Microsoft Јапонија во 2019 година. Нивните 2.300 вработени добија пет последователни петоци како слободни денови во текот на август, без намалување на платата. Резултатите беа импресивни – продуктивноста порасна за 40%, а бројот на боледувања се намали за 25%. Сепак, и покрај успехот, компанијата не продолжи со овој модел и не понуди објаснување зошто.
Според истражување на LiveCareer од јануари, повеќе од три од пет вработени во САД посакуваат четиридневна работна недела, дури и ако би морале да работат по десет часа дневно. Речиси 70% од испитаниците веруваат дека пократката работна недела би ја зголемила нивната продуктивност и би ја подобрила рамнотежата меѓу работата и приватниот живот.
Извор: BIZLife.rs

