КолумниНовости

Да работиш, а да си во категоријата на умерено сиромашни – е тоа е Македонија

   Време за читање 3 минути

Автор: Бобан Илијевски

Бројот на луѓе кои живеат во екстремна сиромаштија (со под 60 денари дневно), оваа година се очекува да се зголеми од 12,000 до 28,000 лица или преведено во проценти – 20 до 50 % повеќе од пред кризната 2020 година, кога во Македонија во екстремна сиромаштија биле 50,000 луѓе. Ова се резултатите од истражувањето кое беше презентирано од страна на професорот Бранислав Јовановиќ на една конференција пред некој ден. Податоци кои и тоа како треба да не натераат да се запрашаме – во која насока оди оваа држава?

Она што дополнително беше кажано е дека се очекува да порасне и бројот на луѓе кои живеат во умерена сиромаштија (со под 200 денари дневно) на 510,000 лица. Пред кризата, оваа бројка изнесувала 360,000 лица. Била огромна тогаш, но според истражувањето, сега ќе биде уште поголема.

И тоа замислете, во лица кои живеат во умерена сиромаштија спаѓаат и вработените кои за разлика од оние кои живеат во екстремна сиромаштија, можат да си дозволат да го преживеат денот – да платат сметки, да купат нешто храна и еден пар облека или обувки. Нема пари за таблети и здравствени препарати, нема пари за рекреација, нема пари за ништо друго освен за основните потреби. И што е животот за нив? Дома-работа, работа – дома. Не можат децата да ги однесат некаде преку викенд, а камо ли па за себе да имаат за краток одмор или да си купат нешто, можеби да си ја подноват гардеробата. За оние во екстремна сиромаштија, да не зборувам. Само тие знаат каков е нивниот живот.

Ама затоа, Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ќе седи на масата и ќе кажува од каде му се чевлите, за неговото патување во Малави кој, патем, беше еден лош пример кажан за време на конференција на која се зборува за сиромаштија, оти мене ми се чинеше дека како да сака да направи некаква споредба, а јас не сакам Македонија да се споредува со држава како Малави, туку со држави како Луксембург или Малта. Од она што го кажа единственото нешто што го разбрав беше дека да не ги презела Владата мерките во екот на ковид, енергетската и ценовната криза, ќе било полошо. Па добро, дајте еднаш да речете дека сте го кренале стандардот на граѓаните на ниво коешто им дозволува да живеат еден пристоен живот. Не е тоа невозможна мисија.

Ние сме држава од еден милион и осумстотини илјади граѓани. Имаме пет милијарди буџет. Да сакаат можат веднаш да започнат да се справуваат со проблемите и да обезбедат стандард кој ќе биде пристоен. И да е инфлацијата увезена, како што велат од Владата, нејзина должност е да бара начин како да се справи со истата.

510,000 лица во умерена сиромаштија и од 12 до 28,000 лица во екстремна сиромаштија – тоа се огромни бројки, ама огромни бројки.

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, кариера и човечки ресурси