Колумни

Дигитална трансформација во време на криза

Колумна - Работник
812views

Автор: Симона Ковачевска

Пред да се појави пандемијата ковид-19, низ медиумите секојдневно се промовираше еден концепт на „4та индустриска револуција“ и дигитална трансформација на економијата. Кога е во прашање Македонија, дигиталната трансформација е и повеќе од потребна, но требаше да се соочиме со пандемија за да го сфатиме тоа.

Да почнеме од банкоматот и шалтерот. Зборуваме за дигитална трансформација, а се уште се плашиме од банкомати. Да се потсетиме дека постарите лица во најголем број не користат банкомати и интернет услуги, поради тоа што претпочитаат шалтер односно комуникација лице в лице. Овој проблем е сега актуелизиран бидејќи се повеќе се создаваат гужви во банките во време кога треба да се избегнат поради тековната пандемија. Имено, банките имаат воведено електронско банкарство, имаат поставено зголемен број на банкомати и воведоа бесплатни обуки за користење. Сепак, гужви има. Согласно последните податоци од Светска Банка, Македонија во 2018 имала 60 банкомати на 100,000 лица, што е околу просекот на регионот (Албанија 30, Босна и Херцеговина 55, Хрватска 148, Црна Гора 87, Србија 49 и Косово 35). Иако во јавноста имаше препораки за зголемување на бројот на банкомати, според овие податоци во моментот тоа е непотребно бидејќи основниот проблем не е недостатокот на банкомати, туку нивното некористење. Попрактично во овој момент е зголемена едукација и охрабрување на постарите лица за користење на банкоматите и распоредување на можноста за движење на постари лица во повеќе интервали во денот.

Дополнително, редно време е пандемијата да не освести дека основните обврски на луѓето кои се извршуваат на шалтер треба конечно да се овозможат електронски. Пример за тоа е поднесување барања, молби и жалби во ПИОМ, АВРМ, УЈП и слични агенции и институции. Правиме карантин и полициски час во време на пандемија, а пријавувањето во случај на невработеност и пријавувањето на здравствено осигурување, се уште се одвиваат шалтерски.

Друга важна работа е образованието. Се плашиме да учиме преку платформи, кога во развиениот свет тој процес е веќе целосно дигитализиран. Овој сегмент е многу важен особено затоа што според одредени анализи, се претпоставува дека 65% од децата што денес се запишуваат во основно училиште, ќе работат на работни места кои се уште не постојат. Нормално дека тие деца не можеме да ги образуваме со книгите од кои ние сме учеле и затоа образовниот процес треба да се менува во чекор со светските трендови т.е. да се дигитализира. Кога се појави ковид-19, почна да се имплементира учењето на платформи, и секако бидејќи тоа е брза и неочекувана промена за децата и наставниците и двете страни не се снаоѓаат идеално и се соочуваат со проблеми.

Кога е во прашање пазарот на труд, иако и тоа е нормално во развиениот свет, во Македонија требаше да се соочиме со ограничување и редуцирање на движење, за да сфатиме дека и работата од дома е возможна. Пример за тоа претставува интензивното користење на интернетот и на апликациите како Teams, Zoom, Google Hangouts и Skype for business за бизнис состаноци.

Од друга страна за да може да се зборува за концептот на дигитална трансформација, во Македонија треба подетално да се анализира пазарот на труд. И покрај континуитетот на намалување на стапката на невработеност во последните 10 години, во последното тримесечје на 2019 година невработеноста беше се уште на високо ниво од  16.6%. Прво, според економската теорија, воведувањето на нови технологии во работните процеси или дигитализацијата треба да биде постепено за да не се наруши рамнотежата на пазарот на труд. Доколку рамнотежата на пазарот на труд се наруши, што според Кејнз се нарекува кратка фаза на неусогласеност т.е. „технолошка невработеност“, ќе биде потребно повеќе време за повторно да се урамнотежи. Откако тоа ќе се случи, промената ќе резултира со повисока продуктивност и ефикасност. Сепак, поради високата невработеност ваквиот тип на неусогласеност во моментот е луксуз. Дополнително, според демографските индикатори брзата дигитална трансформација би претставувала уште поголем проблем во Македонија бидејќи населението се повеќе старее. Дури над 25% од вкупното активно население се лица над 50 години.

Второ, во последните 10 години стапката на невработеност има надолен тренд и поради порастот на странските директни инвестиции. Според податоците на НБРМ, и политиката на привлекување на странски директни инвестиции може да се забележи дека најголем дел од работните места бараат ниски образовни квалификации. Дополнително, доколку се анализираат слободните работни места, исто така може да се забележи дека над 70% бараат лица со завршено средно или основно образование. Доколку на среден рок се промени стратегијата за инвестиции може да се помогне кон дигиталната трансформација во Македонија. Пример за успешна промена на инвестициските стратегии претставува Кина која во 1990 најмногу имала инвестиции во сектори со ниска технологија, трудоинтензивни дејности и ниски плати. Во 1998 Кина ја менува стратегијата за инвестиции и вложува во високо-технолошки сектори, образование, истражување и развој. Како последица на овие стратешки промени Кина сега доминира во технолошките иновации.

Оваа промена на стратегијата е од енормно значење особено бидејќи Македонија има голем јаз и значително заостанува зад регионот кога е во прашање користењето на информатичка и комуникациска технологија. Дигиталната трансформација е потребна со цел модернизирање на работните процеси, зголемување на продуктивноста, економскиот развој, надворешната конкурентност и задржување на младите лица во државата. Сепак, овој процес треба да се одвива стратешки и постепено. Поразителен е фактот што требаше да се соочиме со криза, за да почнеме посериозно да размислуваме за дигитално унапредување или трансформација.

 

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги одразува официјалните ставови на Порталот Работник