Директорот на ЈСП го обвинил пред сите за бомбата: Африм ќе видиш што ќе ти се случи

Кога се доведовме во ситуација македонскиот работник во очај, во безизлезност, не можејќи да ја прехрани својата фамилија, да се заканува по неговиот живот и животот на останатите, тогаш ние како држава и Град Скопје го допревме дното, вели претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Дарко Димовски, коментирајќи ја заканата од вработен во ЈСП дека ќе постави бомба во еден од автобусите затоа што немаат земено плата поради што утрово главниот град остана без градски превоз.

„Не смееме да си дозволи ваква ситуација, посебно во јавниот градски превоз кој го опслужува целиот град Скопје и да се доведеме полицијата да ги проверува автобусите зошто некој што го основал ова претпријатие не ни дал плата за да може да ги прехраниме нашите фамилии и таа плата да е заслужено сработена“ рече Димовски.

Тој, како и пресетседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски денеска застанаа зад синдикалните организации во ЈСП упатувајќи заеднички апел на вработените да им се исплатат септемвриските плати, за кои законскиот рок беше до 15 октомври.

Во изјава за медиумите, претставниците на синдикатите раскажаа дека утрово по дојавата имале инцидент со в.д. директорот на ЈСП, Александар Стојковски, кој, според нивните кажувања, го обвинил претседателот на Независниот синдикат на возачи, Африм Муча, дека стои зад денешната закана со бомба.

„Денеска добивме информација дека имало пријава за бомба, заедно со колегите околу 7:30 дојдовме тука. Само што пристигнавме, имав мала расправија, инцидент со в.д. директорот Александар Стојковски кој јавно пред службените лица мене ме обвини дека јас сум тој што е виновен за целосната ситуација што се случи. Голем срам е еден директор тоа да го изјава, од утре адвокатот е ангажиран и ќе му поднесам пријава за клевета за директорот кој ме обвини пред сите тука, дека јас сум бил тој. ’Африм ќе видиш што ќе ти се случи, ова ти го направи денеска‘ – со тие зборови ми кажа. Тоа е голем срам за еден директор, наместо да нè повика сите заедно да разговараме, синдикатите, тој тоа не го направи, не се јавува ни на телефонски. Мудро си ќути и си гледа“ рече Муча.