КСС беше дел од обуката на тема „Транзиција на пазарот на труд“
Фејсбук статус на Конфедерација на слободни синдикати на Македонија (КСС):
Во периодот од 09-11 декември 2025 година, во Подгорица, Црна Гора, се одржа обука на тема „Транзиција на пазарот на труд“, организирана од страна на European Trade Union Institute (ETUI) во соработка со CNSLR Fratia (Романија) и Savez Sindikata Crne Gore – SSCG (Црна Гора).
Целта на обуката беше да ги истражи сегментите на пазарот на трудот каде што образованието, обуката и развојот на вештини претставуваат клучни фактори за приспособување кон зелените и дигиталните транзиции.
Претставниците на КСС, Васко Перчаковски и Жарко Краус, земаа активно учество на обуката, при што се разговараше за подигнување на свеста за различните транзиции и нивната меѓусебна поврзаност, начинот на кој тие влијаат врз пазарот на трудот, како и за насоките што е потребно да се обезбедат за нивно соодветно адресирање на национално, секторско и локално ниво.
Во текот на обуката беа отворени и продлабочени низа круцијални прашања поврзани со зелената и дигиталната транзиција, меѓу кои анализата на тековната состојба во различни сектори, предизвиците со кои се соочуваат работниците во услови на затегнат пазар на труд, како и потенцијалните ризици и можности што ги носат овие процеси.
Дополнително, се дискутираше и за влијанијата што транзициите ќе ги имаат врз одредени сектори, за промените во работните профили и потребните вештини, како и за неопходноста од инвестирање во преквалификација и надградба на компетенции во рамките на зелената транзиција.
Во фокусот беше истакната и клучната важност на активно и континуирано синдикално делување, како предуслов за ефективно управување со овие процеси и ублажување на нивните последици врз работниците и пазарот на труд.

