Колумни

Дали македонските компании смеат да се договараат да не си „преземаат“ вработени?

Пишува: Адвокат Филип Зафировски

Компаниите не смеат да „влегуваат“ во договори со кои се ограничува конкуренцијата, односно фиксираат цени, делат пазари, ограничуваат и контролираат производство и така натаму. Меѓутоа, Европската Комисија, како и неколку национални тела за конкуренција на земји членки на Европската Унија, за првпат влегоа во полето на пазарот на трудот и изрекоа казни за компании кои имаат меѓусебни договори да не преземаат вработени едни од други. Ваквите договори може да имаат негативни импликации за работниците, но и за економијата. Оттука, се поставува прашањето дали македонската Комисија за заштита на конкуренцијата („Комисија“) може да го следи овој тренд и при спроведувањето на Законот за заштита на конкуренцијата да навлезе во полето на пазарот на трудот.

На 2 јуни 2025 година, Европската Комисија објави одлука со која изрече казна на две компании за доставување храна во износ од 329 милиони евра поради, меѓу другото, меѓусебно договарање да не преземаат вработени едни од други. Според Европската комисија, двете компании првично се договориле да се воздржат од преземање одредени вработени. Потоа овој договор се проширил на сите вработени, освен доставувачите на храна. Европската комисија во својата одлука истакна дека ваквите договори меѓу компаниите можат да имаат негативни последици врз платите на вработените, односно компаниите не би имале мотив да нудат повисоки плати за да ги задржат своите вработени или пак да привлечат вработени на конкурентите. Ова негативно влијае на мобилноста на работниците и нивната потрага по подобри услови. Дополнително, ова може негативно да се одрази и на продуктивноста и иновативноста во секторите каде вакви практики меѓу компаниите се имплементираат. Ова е прва ваква одлука на Европската Комисија со која директно се навлегува во полето на пазарот на трудот.

Доколку се погледнат земјите членки на Европската Унија, може да се најдат слични примери. Еден месец по објавата на одлуката на Европската комисија, словачката антимонополска управа го казни Словачкото здружение на индустријата и трговијата со горива во износ од 10.000 евра, поради тоа што во етичкиот кодекс на здружението биле предвидени одредби за „непреземање“ вработени. Односно, според етичкиот кодекс, компаниите членки би морале да се воздржат од привлекување вработени од други компании членки. Понатаму, белгиската антимонополска управа им изрече вкупна парична казна во износ од 47 милиони евра на три компании за приватно обезбедување. Истрагата утврди дека компаниите разменувале информации за пазарот и меѓусебно се договориле да не преземаат вработени кои работат на позиции обезбедување. Во Латвија и Холандија, националните тела за конкуренција објавија насоки со кои ги предупредуваат секторите за човечки ресурси дека секакви неформални договори за непреземање вработени од други компании ќе бидат процесуирани. Овие случувања покажуваат јасна тенденција на навлегување во полето на пазарот на трудот и од страна на националните тела за конкуренција на земјите членки на Европската Унија.

Доколку се свртиме кон Македонија и тргнеме од преглед кој најпрво го опфаќа економскиот контекст, оваа тема може да биде исклучително важна од неколку причини. Прво, ваквите договори сериозно може да влијаат врз мобилноста на работниците, особено имајќи предвид дека македонскиот пазар е релативно мал. Општопознато е дека македонските компании се соочуваат со недостиг на работна сила. Ова може да значи дека македонскиот пазар е „плоден“ за договори за непреземање вработени. Второ, како што е истакнато во воведот, ваквите договори во извесна мера можат да влијаат врз зголемувањето на платите на вработените, барем во одредени сектори. Имајќи ги предвид предизвиците што ги носи инфлацијата и фактот дека куповната моќ на македонските работници се намалува, ваквите договори може дополнително да придонесат кон влошување на нивната состојба. Трето, ваквите практики би имале дополнителни негативни импликации за продуктивноста на македонската економија, која и онака не е на завидно ниво.

Во изминатите две години Комисијата значително го подигна нивото на спроведување на Законот за заштита на конкуренцијата, особено во делот на забранети договори. Оттука, природно се наметнува прашањето дали Комисијата може да „навлезе“ во полето на пазарот на трудот, како што тоа веќе го имаат сторено Европската Комисија и други национални тела за конкуренција на земјите членки на Европската Унија, и да казни македонски компании доколку тие се договараат да не привлекуваат и вработуваат вработени едни од други.

Одговорот на прашањето може да се сведе на два пристапи. Комисијата веднаш да пристапи кон казнување на компании кои се користат со вакви практики, како што тоа го сторила Европската Комисија и националните тела за конкуренција на Словачка и Белгија. Другиот пристап би бил како оној на Латвија и Холандија, односно Комисијата да издаде „предупредување“ дека доколку се имплементираат вакви договори од страна на компаниите тогаш ќе следуваат казни.

Ако се погледне практиката на Комисијата, може да се најдат нејзини одлуки во кои се повикува на одлуки на Европската комисија и на Европскиот суд за правда. Доколку Комисијата ја следи својата веќе поставена практика, тогаш се чини дека со одлуката на Европската комисија од 2 јуни 2025 година е отворен патот за иницирање на една ваква постапка.