СветСветот на работникот

Европејците на работ на исцрпеност: Зошто менталното здравје на работа никогаш не било позагрозено?

Европските работници се сè поуморни, преоптоварени и изложени на поголем стрес од кога и да е, иако компаниите вложуваат рекордни суми во програми за благосостојба. Експертите предупредуваат дека часови по јога и антистрес работилници не ги решаваат суштинските проблеми и дека е време за длабоки, структурни промени кои навистина ќе ги заштитат вработените од прегорување, анксиозност и ментална исцрпеност.

Иако фирмите инвестираат повеќе од кога и да е во благосостојбата на вработените, менталното здравје на работниците во Европа продолжува да се влошува.

Современото работно опкружување ги исцрпува луѓето ширум континентот, а никој нема јасен одговор како да се реши проблемот.

Според истражување на Европската агенција за безбедност и здравје при работа, речиси половина од работниците во 30 земји велат дека се преоптоварени со задачи. Дури 34 проценти сметаат дека нивната работа не е доволно признаена, а 16 проценти пријавуваат насилство или вербално вознемирување на работното место.

И покрај растечкото корпоративно интересирање за благосостојбата, притисокот не стивнува. Истражувачи од Австралија го опишаа ова како „преовладувачки парадокс“: државите и компаниите трошат повеќе од кога и да е на ментално здравје, но состојбата на работниците се влошува.

„Посебно по пандемијата видовме бран луѓе кои се соочуваат со ментални тегоби, особено предизвикани или засилени од работа, вклучувајќи прегорување“, изјави за Euronews Health Соња Наврока од Европскиот синдикален институт (ETUI).

Само во 2023 година компаниите во Европа потрошиле околу 19,6 милијарди долари (16,9 милијарди евра) на програми за добросостојба – од mindfulness работилници и управување со стрес до индивидуален коучинг за ментално здравје.

Денес, околу 29 проценти од европските работници имаат пристап до вакви програми.

Сепак, истражувањата покажуваат дека овие активности често го заобиколуваат суштинското – психосоцијалните ризици: преголемо работно оптоварување, долги работни часови, несигурност на работното место, недостиг од признание и мобинг, како и пошироки економски и технолошки промени кои целосно го преобликуваат светот на трудот.

„Ова воопшто не е решение од типот ‘Еве ви час по јога, па снаоѓајте се‘“, предупредува Манал Ази, повисока советничка за безбедност и здравје при Меѓународната организација на трудот (ILO).

Експертите нагласуваат дека грижата за менталното здравје мора да биде долгорочна и сéопфатна, а не список на ад-хок активности создадени од HR одделот или проект зависен од ставови на менаџментот.

„Мислам дека токму тоа недостасува на многу работни места – пристапот е премногу поедноставен, механички, и затоа резултатите изостануваат“, вели Јоланта Берк, истражувач на позитивна психологија и професорка на Кралскиот колеџ на хирурзи во Ирска.

Како да се намали менталното оптоварување?

Ази објаснува дека сè – од начинот на вработување и напредување, преку оценување на учинок, стил на менаџирање, до комуникација и ресурси – го обликува искуството на работникот и создава можност за поздрави работни места.

Според извештај на TELUS Health, менаџерите кои успешно водат ментално здрави и продуктивни тимови имаат пет заеднички карактеристики: искрена грижа за вработените, тимски пристап без нездрава конкуренција, инклузивност, решителност и способност да пренесат чувство на цел, над секојдневните задачи.

Некои компании тестираат посериозни промени.

Во Велика Британија, Германија, Ирска и Исланд се спроведени пилот-проекти за четиридневна работна недела, а првичните резултати покажуваат дека моделот го намалува ризикот од прегорување и го подобрува општото здравје.

И покрај тоа, многу работодавачи и натаму не сакаат да се соочат со психосоцијалните ризици.

„Постои отпор, бидејќи тоа значи голема одговорност, дополнителни трошоци, но и затоа што многумина едноставно не разбираат за што станува збор“, вели Ази.

Наврока додава дека промените треба да дојдат и преку политики. Шведска има регулативи кои се однесуваат на вознемирување и преоптовареност со работа, додека Франција, Белгија и Португалија имаат закони за право на исклученост по завршување на работното време.

Ниту една држава не го решила целосно проблемот. Дури и земјите кои важат за пример во рамнотежа меѓу работата и приватниот живот бележат високи стапки на ментални тегоби.

Последиците се огромни: стресот на работа предизвикува сериозни здравствени проблеми и ЕУ ја чини повеќе од 100 милијарди евра годишно, при што работодавачите покриваат над 80 проценти од тие трошоци, предупредува ETUI.

„Кога ќе се појави сериозна анксиозност или депресија, понекогаш е доцна за да се вратат работите назад. Луѓето го напуштаат работното место. Затоа сакаме да се фокусираме на превенција“, нагласува Ази.

„Работодавачите имаат силен мотив да преземат нешто, затоа што на крајот тоа многу ги чини.“

Извор: M.A./EUpravo zato/euronews.com