Договор за вработување со неполно работно време со повеќе работодавачи

Тема: Договор за вработување со неполно работно време со повеќе работодавачи
Одредбите од членот 49 од Законот за работни односи го уредуваат прашањето во однос на склучувањето на договор за вработување со неполно работно време кај повеќе работодавачи.
Во овој контекст секој работник може да склучи договор за вработување со неполно работно време со повеќе работодавачи и така да го постигне полното работно време предвидено со законот.
Работникот е должен да се договори со работодавачите за работното време, начинот на користењето на годишниот одмор и другите отсуства од работа. Додека пак работодавачите, кај кои е вработен работникот со неполно работно време, се должни на работникот да му обезбедат истовремено користење на годишниот одмор и други отсуства од работа, освен ако тоа не би им предизвикало штетни последици.
ПОГРЕШНО е да се смета дека на работникот не му следуваат правата кои ги уживаат и останатите работници, во однос на годишните одмори и останатите отсуства, поради тоа што е вработен со неполно работно време.
ПРАВИЛНО е сите обврски кои произлегуваат од овој член, како за работодавачот, така и за работникот да бидат составен дел на договорот за вработување со неполно работно време, склучен помеѓу работникот и работодавачите.
Проф. д-р Лазар Јовевски