- Advertisement -
КолумниНовости

Додека пандемијата беше во центарот на случувањата, во позадина работниците доживуваа несреќи при работа

Продуктивноста на работниците - Работник
343views

Во 2020 година главна тема беше пандемијата предизвикана од коронавирусот, па многу малку се обрнуваше внимание на други случувања, како повредните и починатите работници при работа. Ќе почекаме да ја видиме официјалната статистика за тоа колку повредени и колку починати имаше во 2020 година на своите работни места, но бидејќи како новинар тоа го следам постојано, знам дека бројките ќе бидат многу големи, за жал.

Безбедноста и здравјето при работа е сегмент којшто честопати знае да се заборави, односно не се обрнува многу внимание на него, а истиот е од голем значење за сите чинители во полето на трудот, работниците, работодавачите и надлежните. Сметам дека најмногу несреќи при работа имаше во градежниот сектор којшто е еден каде што условите за работа се ужасни, особено кога се работи во оние „човек – фирма“. Во поголемите градежни компании, претпоставувам, условите за работа се подобри, односно работниците се повеќе заштитени и помал е ризикот да доживеат несреќна при работа.

Мислам дека во однос на безбедноста и здравјето при работа, она што е заедничко во јавниот, но и во приватниот сектор е тоа што и во двата сектори не се правеа проценки на ризик на работните места, односно да бидам попрецизен, многу малку се применуваше оваа алатка којашто ја предвидува Законот за безбедност и здравје при работа, па поради имаше и голем број на заразени работници.

Комисијата за заразни болести, сметам дека требаше да вклучи и експерт по безбедност и здравје при работа, чијашто одговорност ќе беше да се грижи токму за здравјето на работниците, но тоа не се случи. Надлежните не го прифатија ни барањето на Конфедерацијата на слободни синдикати и Македонското Здружение за заштита при работа, Ковид – 19 да се прогласи како професионално заболување, но и тоа помина. МЗЗПР изработи и методологија за Ковид возраст, но и таа не беше прифатена, а експертите по заштита при работа беа целосно исклучени и не беа консултирани. Мислам дека е многу лош потег, кога го имаш ресурсот, да не го искористиш, но тоа е на товар на Владата.

Состојбата со заштитата при работа ниту во 2020 година беше подобрена. И се додека не почнат да се вршат поголем број инспекциски надзори и да се казнуваат газдите коишто не го почитуваат Законот за безбедност и здравје при работа, ниту во 2021 година нема да биде подобро. Факт е дека на најголем број на газди, приоритет им е профитот, а не работниците и истите воопшто не водат грижа дали тие ќе се вратат безбедно дома кај своето семејство. На почетоците од мојата скромна новинарска кариера, Г-динот Милан Петковски, Претседател на Македонското Здружение за заштита при работа, во едно интервју рече дека треба да се направи таква измена во Законот за безбедност и здравје при работа, да газдата биде обврзан да оди и да му каже на семејството на повредениот или починатиот работник дека доживеал несреќа на работното место. Согледувајќи ја ситуацијата, сметам дека оваа е најдобриот начин за да се натераат газдите да ги почитуваа законите.

Накратко, ова се моите забелешки од 2020 година. Се надевам, иако искуството ми го вели спротивното, дека во 2021 година работите ќе бидат многу подобри.

Бобан Илијевски

Колумната е дело на авторот и во ниеден случај не ги изразува официјалните ставови на порталот Работник