КолумниНовости

Дозволете да ве упатам кон квалификуваните работници

   Време за читање 2 минути

Автор: Бобан Илијевски 

Гледам газдите пак се жалат дека немало работници, па инсистираат на зголемување на квотите за увоз на работна сила од странство.

Добро бе, како може никако да не им текне да речат дека на работниците им даваат мали плати, па да им текне да ги зголемат уште малку. Барем до степен работниците да можат да ги покријат трошоците на живот. Но не, тоа не им текнува… односно, не им одговара да им текне такво нешто. И да им текне, ќе гледаат брзо да заборават или да ја заменат мислата со тоа каков нов џип да купат или дали во Маврово да изградат уште една вила, за во случај првата ако им прокапе да можат веднаш да се преселат во другата.

Не сакам да се правдам, сите што ги читаат моите колумни ги знаат моите ставови, но се чувстувам должен да нагласам дека немам апсолутно ништо против тоа оние кои имаат сопствени бизниси да уживаат во плодовите на својот успех. Сум против тоа да го прават на грбот на работниците. Да кратат од нивната заработка за да си ги стават парите во својот џеб.

Тоа воопшто не е фер и вредните работници не заслужуваат таков третман. Но, бидејќи газдите ги третираат на таков начин, овие си даваат откази и одат во фирми каде што ќе имаат подобри услови за работа, а со тоа и поголема плата. Да не се лажеме, во Македонија постојат компании кои нудат одлични плати, но голем проблем е што истите се во мал број.

Интересно е што нив не ги слушаме да излезат и бараат увоз на работна сила, а уште помалку да се жалат за тоа дека имало недостиг на работна сила.

Да биде јасно, квалификувани работници во Македонија има, но тие се во компаниите кои се предводени од вистински работодавачи.

 

Бобан М. Илијевски

Новинар за работни односи, човечки ресурси и кариера