Државна помош за КИЕЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ која најави над 150 нови работни места

Владата, на седницата, ја усвои и Информацијата за Предлог договор за доделување државна помош на Друштвото за производство на внатрешни компоненти КИЕЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Желино и донесе Одлуката за давање согласност за Договорот.

Согласно деловниот план којшто се однесува на реализација на инвестициски проект во ТИРЗ Тетово за производство на седишта за автобуси и возови, како што информираше Министерството за економија, друштвото се обврзува да инвестира износ од 9.291.750 евра во денарска противредност, пришто ќе вработи најмалку 150 нови вработени, до датумот на завршување на инвестицискиот проект (31.12.2025 година).

Владата донесе и Одлука за обезбедување финансиски средства на ЈП Национална радиодифузија за 2022 година.

Со средствата од оваа одлука националните радио станици ќе се ослободат од обврската за плаќање на надоместокот за дистрибуција на сигнал за 2022 година кон Агенцијата за електронски комуникации.

Ова значи дека делумно ќе се покријат трошоците на националните радио станици, коишто произлегуваат од обврската за плаќање на надоместокот за дистрибуција на сигнал за 2022 година,  во вкупен износ од 7.500.000,00 денари, со средства од Буџетот на Владата на Република Северна Македонија, предвидени во делот на антикризните мерки.