Дуалното образование им овозможува нови работници на компаниите: 90 % од електричарите вработени во ЕВН

90 % од завршените ученици во средните стручни училишта биле вработени во ЕВН, каде учениците ја реализирале практичната обука и биле подготвувани од искусни ментори за нивните работни процеси. Ова го истакнаа од Стопанската комора на Северна Македонија, на прашањето на порталот Работник за тоа колку досега системот на дуално образование има придонесено во создавањето на стручен кадар за потребите на компаниите.

Истото се очекува и оваа учебна година по завршување на втората генерација од 60-тина ученици, вклучени во дуалните паралелки за квалификацијата Техничар за индустриска мехатроника, да бидат вработени во компаниите каде ја реализирале практичната обука, Костал, ОДВ Електрик и ЛТХ Леарница, компании од Охрид и Дрекслермаер од Кавадарци – велат од Стопанската комора.

Од Комората посочија дека сѐ уште е рано да се процени колкав е ефектот од воведувањето на дуалното образование врз создавањето на стручен кадар за потребите на компаниите. Тоа е така, бидејќи минатата година излегла првата генерација на средношколци која се образувала според овој модел на образование за квалификацијата Електричар. 90 % од нив биле на пракса во ЕВН, каде и што биле вработени.

Комората уште од 2007 година го детектирала проблемот со недостигот на кадар преку анализите кои ги спроведува, подвлекоа од таму, додавајќи дека како резултат на тоа, уште од тогаш го поставиле образованието на врвот на приоритетите и започнале системски да ја третираат оваа проблематика.

Анализите покажаа дека суштината на проблемот лежи во несповаѓањето на вештините и компетенциите што ги поседува кадарот по завршување на образованието и она што го бара пазарот на трудот – истакнаа од Комората.

Од таму, како што велат, активностите кои ги презеле за да се реши овој проблем се одвивале во две насоки: воспоставување на дијалог помеѓу образовните институции и бизнис секторот за да се направи простор да се искажат реалните потреби за кадар, а образованието да го испорача; и воведување на дуален модел на образование кој има потенцијал најефикасно да обезбеди работници кои ќе бидат и практично подготвени во компаниите.

Од Комората велат дека бројот на компании кои го прифатиле овој модел, од година во година расте.

Ако во учебната 2020/2021 година имаше вклучено само 16 компании, наши членки, во дуалното образование, во 2021/2022 година, 211 компании, оваа учебна бројката на компании вклучени во дуалното образование се зголеми за 500 компании – наведоа од Комората.

Објаснија дека соработката во учебната 2020/2021 година била остварена само со 8 средни стручни училишта со 11 дуални паралелки, во 2021/2022 година со 46 средни стручни училишта и 97 дуални паралелки, а оваа учебна година бројката се зголемила на 61 средно стручно училиште со 225 паралелки.

Реализацијата на практичната обука на реално работно место во компанија придонела да се зголеми и бројката на запишани ученици во стручно образование која достигнала 69 %.

Фото: Freepik

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.