Едвај преживуваат – Одземено им правото да прават кариера

Многу луѓе во Македонија не се заморуваат со започнување на кариера поради тоа што мораат да размислуваат како да преживеат.

За жал, како држава, немаме некој стандард кој може да ни овозможи барем мала удобност кога ќе ни биде потребно.

Правењето на кариера во Македонија се‘ уште е бајка, бидејќи луѓето едвај преживуваат

Од причина што луѓето мора да преживеат, тие мора да работат било што. Ја немаат таа можност да размислуваат за тоа колку би било убаво еден ден да станат изврши директори, бидејќи во Македонија, тоа е многу тешко.

Се разбира, освен ако не си син на некој бизнисмен, па после него ти да станеш извршен директор.

Не можам да зборувам, бидејќи не знам, и затоа оставам на оние кои имаат искуство да кажат колкава е можноста во големите македонски компании, оние кои се локомотиви на економијата, кариерно да се напредува на повисоки работни позиции.

Јас колку што знам во некои ја има таа можност, но еве уште еднаш оставам простор оние кои работат таму да кажат.

Во Македонија и нема многу простор за кариерно напредување. Големите компании се бројат на прсти.

Деловната структура е таква што најголемиот дел од претпријатијата или над 90 % се микро и мали.

Земајќи ја во предвид бизнис климата во државата, не верувам дека многу од нив се трансформираат во средни и големи компании, а некои не ни можат.

Газдите не ги интересира кариера, туку КЕШ

Уште една пречка поради која не постои речиси никакво кариерно напредување е тоа што одредени работодавачи кои јас нагалено ги нарекувам газди, воопшто не размислуваат за кариерата на своите вработени.

Нив во глава им е врежано само едно нешто – ПАРИТЕ.

Најважно им е работниците да им носат пари и најчесто овие газди сметаат дека работниците треба да им бидат благодарни оти им дале работа и дека поради тоа не треба да бараат ништо повеќе.

Зарем работниците се еднодимензионални суштества, па немаат други цели во животот, освен некому да му носат профит? Како газдата што сака пари, така и многу работници сакаат да се надоградуваат и кариерно да напредуваат.

Сето ова што го наведов е поврзано едно со друго, но нема да биде важно се до оној момент додека не се обезбеди некаков стандард за да можат работниците да мислат на кариерно напредување.

Додека е ситуацијата ваква, единствено нешто за што ќе размислуваат ќе биде како да го преживеат месецот со македонски плати, а цени поскапи и од германските.

Новите генерации имаат поинаков начин на размислување

Треба на ум да се има и фактот дека новите генерации кои се влезени и кои допрва треба да влезат на пазарот на трудот имаат сосема поинакви очекувања од претходните. Ова значи дека газдите ќе имаат уште посериозен проблем со пронаоѓање на стручна работна сила.

Глобализацијата не поврза сите, а со тоа направи и младите да ги мерат своите можности со нивните врсници од други држави.

Една моја пријателка која е советник за кариерен развој ми потврди дека се повеќе млади се ориентираат кон дигиталните професии и дека не сакаат повеќе да слушнат за традиционална работа.

Реално, ова и се очекуваше. На луѓето, особено на младите, веќе преку глава им е дојдено од преживување.

Сакаат подобар стандард и поубав живот, исто како и нивните врсници од Запад. Кај младите не пали веќе она: „Абе, знаеш ние не можеме да се мериме со нив“.

Едноставно, не ги засега.

Ова е вистинската слика за тоа што не очекува во иднина. Работоспособното население е намалено, а ќе намалува уште повеќе во иднина.

Мислам дека ќе дојдеме и до тоа ниво да нема кој повеќе да се пријавува во Агенцијата за вработување.

Колку што гледаме властите, а и газдите не се нешто многу загрижени. Како и што напоменав во една моја претходна колумна, пропаста на феудалните газди се ближи. Работодавачите треба да ја искористат за да ги придобијат вработените. Доколку не го направат тоа, тие ќе бидат колатерална штета поради лошиот однос на релација феудалци – работниците.

Автор: Бобан Илијевски