ЕДНО ПРАШАЊЕСветот на работникот

ЕДНО ПРАШАЊЕ: КАДЕ ДА ПРИЈАВАМ МОБИНГ?

   Време за читање 3 минути

Многу од жртвите на мобинг тешко го доживуваат мобирањето. Постојаниот психички притисок врз нив ги прави да се чувствуваат безвредни, безперспективни, збунети и ја бараат грешката само во себе, се повлекуваат, изолираат, осамени се и се чувствуваат отфрлени.

Жртвата на мобинг во првата фаза се самообвинува, ја бара кривицата во себе и не зборува со никого од страв да не не биде разбрана и другите да не ѝ поверуваат. Психичката состојба, нејзината опседнатост со проблемот, неминовно се одразува и врз нејзиното здравје и врз односите во семејстввото, особено  ако жртвата не е поддржана и разбрана и од страна на семејството, што двојно го зголемува проблемот.

Самообезвреднувањето, комлексот на пониска вредност, го попречува мобираниот работник да се соочи со ситуацијата, проблемот останува нерешлив и уште повеќе комлициран и ескалира. Затоа е многу важно работникот да знае прво да го препознае мобингот, бидејќи така ќе сфати дека не е проблемот во него, туку во моберот и дека не треба да молчи и да трпи туку да крене глас и да се бори против мобингот.

Во законот за заштита од психолошко вознемирување на работното место (како што е именуван мобингот во наша транскрипција) предвидено е работникот што смета дека одредено лице врши мобинг врз него, прво да поведе постапка кај работодавачот.

Претходна постапка: Жртвата треба писмено ( може и по е-меил ), да му се обрати на лицето кое го вознемирува, да му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, и да го предупреди дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане.

Доколку по ова писмено предупредување, моберот продолжи да го вознемрува и малтретира работникот, тој има право да поднесе писмено барање до работодавачот (преку архива или по е – меил) и во барањето да побара против моберот работодавачот да поведе интерна постапка.

Доколку работникот не може или не знае да го состави барањето, тој може да даде писмена согласност на друго лице да го поднесе барањето во негово име (на претставник на синдикатот или претставник на вработените, на лицето што е надлежно за работите за безбедност и здравје при работа или на лице од одделот за управување на човечки ресурси).

Барањето треба да содржи: податоци за подносителот на барањето, за мобираниот работник, за моберот, краток опис на вознемирување на работно место, траење и зачестеност на вознемирувањето и докази и сведоци ако има.

Работодавачот треба да поведе итна постапка за посредување помеѓу двете страни.

Доколку се постигне спогодба, постапката е успешна и прекинува, а доколку не е успешна, работникот може да поведе судски спор.

Ако мобингот го врши највисокиот орган кој го застапува и претставува друштвото, (директор, управител, менаџер), нема потреба да се поведува претходна постапка. Во таков случај, работникот може да поднесе тужба против работодавачот директно кај надлежниот суд.

Немојте да молчите и да трпите мобинг. Борете се гласно.

Автор: Билјана Чкламовска, MSc Менаџмент на човечки ресурси, Консултант за корпоративно и работно право и управување со човечки ресурси и Предавач на Академија за човечки ресурси

Креатор на рубриката: Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.