Лекција по трудово право: Вознемирување на работно место – МОБИНГ
Рубрика трудово и социјално право
Тема: Вознемирување на работно место – МОБИНГ
Конфликтите на работното место не се непозната појава. Постојат докази од истражувања кои тврдат дека здравиот конфликт во голема мера може да биде корисен за бизнисот, но што кога настанува ситуација кога истото прераснува во вознемирување (мобинг) на работното место. Според нашиот Закон за заштита од вознемирување на работно место забранет е било каков вид на мобинг, но и злоупотребата на правата на вознемирување на работно место. Заштитата од мобинг се однесува како на вработените, така и на кандидатите за вработување и лицата ангажирани со договори, кои учествуваат во работата кај работодавачот, но и на самите работодавачи. Вознемирувањето на работното место може да биде психичко или пак сексуално. Понекогаш „групното малтретирање“, мобингот на работното место вклучува групи луѓе кои таргетираат колега со цел негова изолација, понижување дури и агресија. Влијанието на мобингот врз жртвите, како и врз самиот бизнис, може да биде сериозно. Во време кога сме сведоци дека се прави дискриминација помеѓу вработените по однос на нивниот став за вакцинирањето против Ковид 19 од страна на надлежните, како и од работодавачите се поставува прашањето што се случува во интерните односи и дали голем број на вработени трпат „скриен” мобинг од страна на своите колеги или претпоставени? Психичкото вознемирување на работно место, претставува секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, и истото претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или пак создава непријатност, пониженост, чија ултимативна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место.
ПРАВИЛНО е да се смета дека работодавачот има должност да обезбеди здрава работна средина во која ќе се почитуваат достоинството и интегритетот на сите вработени без никаква дискриминација и да ги преземе сите неопходни мерки за спречување и заштита од мобинг.
ПОГРЕШНО е да се користи правото за заштита од вознемирување на работно место преку измама каде вработен поведува или иницира поведување на постапка за заштита иако е свесен дека не постојат причини за поведување на истата и се со цел да прибави некаква материјална или нематеријална корист за себе или за друг или пак да причини штета на трето лице.
Проф. д-р Лазар Јовевски

