ЕДНО ПРАШАЊЕ: Како кандидатите кои немаат никакво работно искуство да се покажат пред идните работодавачи?
Одговор:
„Ах, се сеќавам на тешкиот и макотрпен пат што и јас го изодив да стигнам до моето прво работно искуство. Како и многу други, мислев дека дипломата и добриот просек се доволни за да најдам работа, но реалноста ме научи дека процесот е многу покомплексен. Тоа што се случи беше речиси едногодишно праќање на стотина апликации на сите огласи што ми се чинеа релевантни, постојано преработување на моето резиме и многу, многу разочарувања. Но, би ми било мило ако можам да го олеснам ова за кандидатите кои немаат никакво работно искуство, имајќи ја перспективата што сега ја имам од другата страна, затоа што знам колку е фрустрирачки од прва рака.
1. Фокусирај се на своите предности (и не аплицирај на сè!)
Секој поседува силни и слаби страни, па така најдобро е да не аплицираме на сите огласи на кои ќе наидеме, туку на тие што во голема мера се чинат релевантни за нашите способности и знаења. Исто така, добро е апликациите да бидат за позиции кои се почетнички, како би си ги зголемиле шансите да нѐ изберат (иако сѐ повеќе гледам позиции кои се почетнички или практикантски а за нив се бара искуство и ја разбирам фрустрираноста на кандидатите кои ќе наидат на вакви позиции). Но, исто така, во исто време треба да ги знаеме нашите „црвени линии“ како кандидати, без разлика што немаме искуство. На пример, мојата црвена линија како апсолутен почетник беше да работам нешто поврзано со моите додипломски студии, како не би застранила целосно од кариерниот пат што тогаш ми се чинеше релевантен за мене. Искуството е важно, но треба да ни е важно и да предвидиме која насока ќе ја фати нашата кариера во таа компанија или на таа позиција и дали тоа е нешто што ни се допаѓа или не. Ние треба најдобро да знаеме што е или не е прифатливо за нас и преку што не би можеле да преминеме. Изборите од денес ќе ни се одразат утре.
2. Биди вечен ученик
Мислам дека одамна помина времето кога образованието завршуваше со факултетот. Образованието сега е траен и постојан процес и би било погрешно да се гледаме како завршен производ. Ако си знаеш сѐ, нема ништо повеќе што можеш да научиш. И тоа е важно за компаниите и е вредност што ја бараат кај сите кандидати, не само кај почетниците: отвореноста за учење. Дали тоа ќе биде некаква доквалификација, сертификат, било каков интерес спрема нови нешта, мој совет е да не се запира со учење. Технологии и вештини застаруваат и добро е да се фаќа чекор со времето.
3. Барање повратна информација
Една добра карактеристика на кандидати е да бидат отворени за повратни информации. Доста често се случувало кандидати кои биле одбиени за позицијата да побараат повратна информација како би можеле да се подобрат за следните апликации и интервјуа. Вистинската отвореност спрема повратна информација е поврзана со советот од точка 2 и е важно во нашето унапредување. Многу компании ќе дадат вистински совет и повратна информација за подобрување, на нас како кандидати е колку ќе сме отворени за да го прифатиме без одбранбен став и да го примениме.
4. Вмрежување
Мрежата и познанствата се важни во секој аспект од животот. И не, не зборувам за барање „врски“ за да стигнеме до некоја позиција, туку за нашето изложување на пазарот на трудот. Многу полесно ќе стигаат информациите до нас за отворени позиции или компании доколку ја прошириме нашата мрежа на контакти, а професионалните конекции ќе ни помогнат да ја почнеме и градиме нашата кариера, макар и само со добивање на совет од страна на луѓето од нашата мрежа. Така што, мој совет е да кандидатите да бидат активни, да се приклучат на групите кои се релевантни со тоа каде сакат да ја градат кариерата и да бидат дел од настаните организирани од тие групи.
5. Да се биде во тек
Барањето работа е работа. Тоа значи постојано пребарување на социјалните мрежи, особено на ЛинкдИн (добра идеја е да се активира бесплатно 30 дена премиум профил, како би се олеснило ова), но и платформите за работа што се достапни на нашиот пазар. Работите се менуваат од ден на ден и колку побргу го прифатиме ова како факт, толку полесно за нас, иако сфаќам дека звучи напорно. Тоа би значело и нашиот ЛинкдИн профил и нашето CV да бидат ажурирани и да изгледаат добро, затоа што се нашиот билет до покана за интервју. Но, најважно од сѐ е да не се очајува, туку барањето работа кога си почетник да се сфати како процес. Одбивањата од компании несомнено ќе влијаат на нашата самодоверба, но би било добро да си кажеме сами на себе дека тоа што не сме прифатлив кандидат за некоја компанија не значи дека ние не вредиме како личност или како професионалец. Секој почеток е тежок, но вистинската можност постои, само треба да се стигне до неа. Среќно!”
Автор на текстот: Викторија Дамчевска, Потпретседател на операции во ePeople HUB
Креатор на рубриката: Бобан М. Илијевски