(АУДИО) Димитријевиќ: За да работниците имаат приватен живот, потребно е да се направи процена колкава плата е доволна за живот
Пишува: Бобан Илијевски
Во вториот дел од разговорот со адвокатот Александар Димитријевиќ продолжуваме со законското решение недела како неработен ден (првиот дел можете да го прочитате тука), но разговараме и за прекувремената работа.
Димитријевиќ е дециден дека покрај правата на работниците коишто ги остваруваат кај работодавачот, тој е должен да ги запознае и со условите за работа во работниот процес.
„Договорот за вработување, за разлика од другите договори по Закон за облигации е различен затоа што работникот однапред ги прифаќа условите коишто ги нуди работодавачот, па може да одлучи дали му одговора начинот на работа кај работодавачот пред да пристапи во работен однос кај истиот. Ако работодавачот однапред истакне дека неделен ден на одмор не е недела, туку друг ден во неделата, работникот е запознаен со процесот на работа и може да го организира своето приватно време според потребите и процесот на производство кај работодавачот“, истакна Димитријевиќ.
Тој рече дека во дејностите, како што се производствените, текстилната и машинската индустрија се знае дека се работи сменски и преку викенд и дека работниците се однапред запознаени со условите, па оттаму нивна е одлуката дали ќе се вработат или не кај одреден работодавач.
Категоричен е дека со носењето на законското решение за недела како неработен ден им се ускратува правото на работниците коишто имаат потреба или можност да работат во недела. Според него, има работодавачи кои со своите работници веќе се имаат договорено за слободните денови, потенцирајќи дека со носењето на ова законско решение, овие договори ќе мора да се променат, а со тоа и навиките на самите работници.
Угостителската индустрија ќе биде една од најпогодените од законското решение, бидејќи угостителските објекти имаат најмногу работа за време на викенд, а како што рече и во првиот дел од разговорот, работните места на вработените ќе бидат ставени во ризик.
Спомена дека ќе се појави уште еден проблем – луѓето коишто се слободни преку викенд, како студенти и фриленсери нема да можат да заработат нешто плус.
Неговото размислување оди и во насока на тоа дека во Македонија треба дополнително да се работи за да се акумулираат повеќе финансиски средства, со оглед на тоа дека е држава којашто е во развој, притоа напоменува дека треба да се внимава да не се прекршуваат работничките права.
Законското решение за недела како неработен ден, вели тој, постои можност да е препишано од држава чиешто стопанство е поразвиено и на таа држава можеби не ѝ значи да се работи во недела, „од причина што, постојат повеќе прашања зошто, многу е скапи времето коешто треба работодавачот да му го плати на работникот за работа во недела, па пресметките на работодавачот се дека не е економски исплатливо да работи во недела затоа што за работникот ќе треба да одвои поголем дел од буџетот, наместо да остане за него“, вели Димитријевиќ.
Во високо развиените држави, посочи Димитријевиќ, сабота и недела се денови кога работниците одмараат, односно ја трошат својата плата некаде во околните држави – на летен или зимски одмор… додека просечниот работникот кај нас нема таков стандард, за да може да живее на таков начин, како што можат да живеат во другите држави, бидејќи таму имаат сфатено дека работникот е фундамент во едно општество.
Работникот е тоа што го чини јадрото на една држава, додека кај нас работникот е само алатка за искористување при производствениот процес. „Ние се‘ уште немаме утврдено колкав процент од приходите на една фирма треба да оди во ресурс човек или ресурс работник, за да тој знае со колкав удел партиципира во компанијата. Ние го имавме овој модел со Анте Марковиќ , но го надминавме и заменивме со либералната економија. Без добри законски решенија, дозволивме капитализмот многу брзо да не стави во машина за мелење и на тој начи работодавачите започнаа да го искористуваат работникот“, посочи Димитријевиќ.
Тој во последниве години, гледа будење кај работниците, по што се појавува еден фактор кој сите го занемаруваат, а тоа е дека работникот започнува да ги диктира условите на пазарот.
„Во угостителската индустрија работниците први се разбудија, само поради тоа што им се појави можност да работат во околните држави за многу поголеми плати и не му дозволуваат на работодавачот да го намали процентот на минималната плата, туку го диктираат пазарот со ултиматумот: ‘Ако сакаш да работам кај тебе, мора оваа плата да биде минимум’. Со тоа, работодавачите се принудени да ги креираат цените, а поради тоа можеби и се покачени цените на угостителските услуги, уште пред да започне оваа инфлација кај нас“.
Без работници, појаснува тој, угостителите ќе мора да стават клуч на објектите. Смета дека оваа „работничка ренесанса“ ќе се прошири и кај другите индустрии и затоа баш сега, во ова ранливо и меко ткиво каде што се формираат или се втемелуваат некои процеси во односот работник работодавач, воопшто не е потребна државна интервенција, затоа што уште повеќе ќе ги наруши односите кои започнуваат да заздравуваат.
Во однос на тврдењето на Левица дека Владата преку законското решение за недела како неработен ден сака да протурка начин на кој работодавачите кои ќе работат за време на празници и недела да плаќаат 2 % кон државата, Димитријевиќ смета дека секогаш постојат некои ситни букви во договорот коишто ги занемаруваме.
„Секако дека државата, пред се, си го штити буџетот, а потоа работниците, иако наводно овие 2 % се предвидени за градинки. Отсекогаш било така. Секое законско решение мора да има некоја финта. И ова е една од финтите која треба да ја плати работодавачот, а тоа се одразува на работникот или на купувачот. Сите мора да сфатат дека работодавачот никогаш нема да работи со загуба. Тој секогаш ќе најде механизам како да ја оствари добивката – дали ќе скрати од платите, дали од надоместоците на платите на работниците или тоа ќе го плати обичниот потрошувач“, вели тој и додава:
„Да не се чудиме ако утре кафе во локал стигне до 100 денари, само поради тоа што државата нема коректен и фер однос кон работодавачот“.
Димитријевиќ порача дека без работодавачи не може да има работници и дека можеби и работодавачот некогаш бил работник. Не значи дека капитализмот се развива, ако работодавачот вработува работници и притоа го искористува нивниот труд, потенцирајќи дека искористувањето на исиот е правопропорционален со притисокот којшто државата го врши врз работодавачите.
Прекувремена работа
Во државниот сектор, особено во полицијата, објаснува Димитријевиќ, работниците се нај искористени. Процесот на работа е организиран на тој начин што сите луѓе тежнеат кон тоа да работат прекувремени часови, само за да остварат екстра профит. Тие не ја гледаат основната плата, која знаат дека е минимална за преживување земајќи ја во предвид основната потрошувачка кошница, туку ги гледаат прекувремените часови коишто се нешто како дополнителен додаток. Со работењето на дополнителни часови се нарушува основната човекова личност.
„Десеттиот или дванаесеттиот час од работното време е оној период од денот или ноќта, кога работникот вложува се од себе, за после да го занемари целосно приватниот живот. Занемарувањето на приватниот живот значи недоволно воспитување на децата и недоволно посветување време на домашните обврски. Кога ќе се изгубите како личност вложувајќи го целото време кај работодавачот, тогаш не можете да бидете ниту корисен член на општеството“, потенцира Димитријевиќ.
На овој начин ги тераат, посочувајќи дека ова особено го има забележано во МВР, луѓето да тежнеат кон тие прекувремени часови, само заради дополнителен профит.
Не е направена комплетна психолошка систематизација на работните места, за тоа колку доволно е навистина доволно плата да задоволи еден работник, за да нема потреба од прекувремени часови, затоа што секој прекувремен час значи намалување на работната продуктивност. Тоа мора да се знае.
„Кога останувате после осмиот час на работа, деветтиот час вие работите со намалена продуктивност, десеттиот час со уште понамалена продуктивност, за да на крај не сте способни за работа. Работодавачот ги плаќа сите часови исто, односно со зголемен коефициент на плата од час“, објасни Димитријевиќ.
Тој напомена дека се појавила уште една идеја – за секој нареден час пропорционално да се зголемува коефициентот на плата (деветтиот час да биде 50 %, десеттиот 75 %, единаесеттиот 100 % итн.), потенцирајќи дека повторно се вртиме во круг поради тоа што се тера работникот да трча по пари, па така колку повеќе се зголемуваат овие коефициенти, толку повеќе во мајндестот на човекот којшто е вклучен во работниот однос навлегува идејата дека треба се повеќе и повеќе да трча по пари.
„Ако работиме по 10 – 12 часа, тогаш нашите деца треба да пораснат со дадилки“, вели Димитријевиќ.
Тој заклучи дека државата треба да интервенира во насока на зголемување на животниот стандард на луѓето и да биде внимателна кога интервенира во приватниот сектор.

