ИнтервјуаСветот на работникот

(Аудио) Разговор со адвокатот Александар Димитријевиќ – како можат да се намалат основиците на оние кои ќе работат во недела?

Пишува: Бобан Илијевски

Новиот Закон за работни односи и законското решение со кое недела треба да биде неработен ден, моментално се едни од најактуелните теми во сферата на работните односи.

Порталот Работник разговараше со адвокатот Александар Димитријевиќ чиешто поле на работа се токму работните односи. Нашиот разговор беше за прашања поврзани токму со Законот за работните односи и недела како неработен ден. Разговаравме и за тоа дали може да се намали основицата на плата на работниците кои ќе работат во недела и на кој начин би можело да се направи тоа… Исто така, во текот на разговорот стана збор и за прекувремената работа.

Ова е првиот дел од разговорот со адвокатот Александар Димитријевиќ.

 

Разговорот започна токму од тоа дали е потребен нов Закон за работните односи или пак треба само да се измени и надополни постоечкиот Закон.

Адвокатот Александар Димитријевиќ е на ставот дека сегашниот текст на Законот за работни односи треба да претрпи измени и дека нема потреба да се носи целосно нов Закон.

Според него законите се носат во пракса, за да се регулираат одредени човекови поведенија.

Познавајќи или работејќи ја оваа материја поврзана со работните односи и начинот на однесување на работникот во организацијата на работодавачот, нормално е законските одредби да се прилагодуваат на промената на општествените текови и односите помеѓу работникот и работодавачот“, вели тој.

Во поглед на недела како неработен ден, тој смета дека е несоодветно решение во моментот.

Предлогот за измена на законот за работни односи, објаснува Димитријевиќ, за денот недела да биде прогласен за неработен ден, освен за одредени категории на дејности, претставува де фокус од некои реални проблеми и нема да донесе нови и подобри услови за работниците, туку истите ќе бидат уште понеповолни.

Тој во ова законско решение гледа и дискриминаторски однос кон дејностите на кои не им е дозволено да работат во недела. „Нејасно е кој ја направи оваа селекција на дејности кои смеат или не смеат да работат во недела“, вели тој.

Во предлог измените на законот за работни односи е наведено дека одрдени главни и одредени помошни дејности ќе можат да работат во недела, додека за други не важи оваа ‘привилегија’. Оваа законска измена како аномалија во правото ќе биде предмет на манипулација од и кон приватниот сектор на чиј грб секогаш паѓаат сите одлуки на владата или законодавниот дом“, посочи Димитријевиќ.

Образложението, продолжува понатаму Димитријевиќ, на носителите на оваа измена е дека со ограничувањето на работата во недела ја штитат личноста на работникот. Смета дека тоа е погрешно и манипулативно од нивна страна, појаснувајќи дека кога државата треба да интервенира на ваков начин, во насока на заштита на правата на работниците, тоа значи дека во трудовото општество нешто не е во ред и дека треба да се најде начин на кој би се отстраниле последиците, а не директно да се влијае.

Димитријевиќ се осврна и на обврската со која дејностите коишто ќе работат во недела треба да платат 2 % од приходот на годишно ниво на државата.

Непромислено донесена е обврската за дејностите кои ќе работат во недела да платат 2 % од приодот на годишно ниво што дополнително ќе предизвика инфлација на цените, па купувањето во недела за обичниот граѓанин ќе преставува луксуз“, вели Димитријевиќ.

Во Македонија, како што вели, се преземаат примери од високо развиените држави и се инкорпорираат во нашето социјално општество каде се уште „го подигнуваме стандардот на работникот со закон за минимална плата“.

Државата не е подготвена, а и не е вистинско време за ваква интервенција во приватниот сектор, особено поради тоа што короната се‘ уште не демне и истата негативно се одразува врз целиот приватен сектор, но и врз јавниот. 

Парадоксален е предлогот да се прогласи недела за неработен ден со цел да се заштити личноста и приватниот живот на работникот, додека вработените во МВР прават поголем број прекувремени саати, незаштитени и неплатени од страна на државата, па се принудени доплнителните работни часови да ги наплатат по судски пат “, вели тој.

Во однос на селекцијата на дејности кои ќе можат да работат во недела, Димитријевиќ даде конкретен пример за угостителскиот сектор.

Во недела, како што вели, ќе можат да работат само објектите коишто работат на подготовка на оброци и служење на храна, додека рестораните, односно делот каде што доаѓаат гости нема да може да работи. Разликата помеѓу нив, вели тој, е само шифрата на дејност.

Според него, тука е проблематично што ќе може да се подготвува храна само за достава, додека делот во ресторанот каде што се послужува храна од понеделник до сабота, нема да функционира. Ова значи дека ако еден ресторан има десет вработени, од кои половината се келнери, во недела ќе може, под услов да е регистриран за оваа дејност, да работи само персоналот во кујна, а со тоа келнерите нема да можат да работат. Поради ова, угостителите ќе бидат принудени да ги користат аномалиите на Законот и да отвораат посебни подружници или на друг начин, преку договори да обезбедуваат егзистенција. Потенцираше дека и работните места на келнерите, во случајот со угостителскиот сектор, ќе бидат ставени во ризик.

Ова е една од аномалиите којашто Димитријевиќ ја забележува во законската измена за недела како неработен ден. „Работодавачите од приватниот сектор ќе бидат принудени да наоѓаат аномалии, со цел да можат да преживеат“.

За Димитријевиќ парадоксално е и тоа што наспроти забраната за работа на рестораните, во недела се предвидува да работи дејноста вадење на руда и метали, што според него, повторно потврдува дека целосната намера на законодавецот не е да се обезбеди благосостојба на работникот.

Во однос на тоа дали постои можност да им се намали основицата на плата на работниците коишто би работеле во недела и со тоа да им дојде иста платата како претходно, Димитријевиќ вели дека е тоа можно, бидејќи платата заедно со додатоците може да се израмни и со тоа работниците да земат иста плата, додавајќи дека ова веќе се случува. Ова, според него, нема да биде единствена аномалија која ќе се случува, особено во приватниот сектор, затоа што се е предмет на договарање, особено кај договорите на определено време.

Следниот договор по истекот на сегашниот ќе биде со намалена основица за да може да се израмни со дневницата предвидена за работа во недела”, е нешто што има голема веројатност да се случи, вели тој.

Друг дел којшто смета дека е несоодветен, односно ја побива оваа законска измена е тоа што неделен ден на одмор и сега е нормиран во законското решение со кое работодавачите се обврзани да плаќаат зголемен износ на саатнина за работа на недела како надоместок и е предвиден и во Законот и во Колективните договори, на државно, гранково и на ниво на работодавач.

Едноставно, законското решение за недела како неработен ден им дозволува само зголемување на 100 % на работниот час, наспроти законското решение коешто досега беше предвидено, со помал коефициент на зголемување, односно 50 % зголемување на работен час за работа во неделен ден на одмор, истакна Димитријевиќ.

Постои разлика помеѓу работа во недела и работа за време на ден на неделен одмор, затоа што „Законот вели дека неделен ден на одмор по правило е недела, но може да биде и друг ден во неделата“, вели Димитријевиќ потенцирајќи дека доколку некој работодавач има дејност во којашто е предвиден начин на работа каде и недела е вклучен како работен ден, тогаш тој ќе предвиди друг ден на неделен одмор којшто не е недела, а со која одлука работникот однапред ќе биде запознаен.

Продолжува…

Фото: Приватна архива