- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовости

Жените ќе одат во пензија на 62 години, но ако сакаат ќе можат да работат уште две

Пензија - Работник
3.7Kviews

Жените ќе одат во пензија на 62 години, но доколку сакаат ќе може да работат до 64, односно до истата старосна граница како и мажите, уверуваат предлагачите на новите измени во Законот за работни односи. Истиот е во Собрание и за него допрва треба да се дискутира, но суштината е во тоа што пензионирањето на соавршени 64 години ќе биде задолжително, односно нема да може да се продолжува до 67 години. Единствената дилема беше дали жените ќе мора задолжително да одат во пензија на 62 години.

Во законските измени единствено пишува дека договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено. Сепак, Законот за пензиско и инвалидско осигурување пак вели дека оигуреникот стекнува право на старосна пензија кога ќе наполни 64 години живот (маж), односно 62 години живот (жена) и најмалку 15 години пензиски стаж.

И претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, за „Слободен печат“ вели дека во пензискиот закон станува збор за позитивна дискриминација, односно дека жената ако сака може да оди во пензија на 62 години, но ако не сака, таа може да го извести работодавачот дека сака да работи до 64 години.

– Уставниот суд одлучуваше за различните години за пензионирање. И според одлуката на Уставниот суд, одењето на жена во пензија на 62 години, а на маж на 64 години значи дискриминација и затоа мора и на едните и на другите да им се даде еднава можност за одење во пензија. Така, жените што сакат може да одат во пензија на 64 години, но може и да го искористат своето право да одат на 62 години – вели Димитров.

Познавачите нагласуваат дека и Законот за работни односи и Законот за пензиско и инвалидско осигурување се општа рамки, а потоа деталите ќе бидат подобро дефинирани преку правилници како подзаконски акти.

Последните измени на Законот за работни односи со кои се предвидува задолжително пензионирање на 64-годишна возраст, поднесени од група пратеници, влегоа во собраниска процедура и го поминаа првото читање, според кој нема да има изедначување на старосната граница за мажите и жените, како што првично најавуваше Владата.

Последно е дека во измените на овој закон се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, но, сепак останува можноста жените да се пензионираат и на 62 години, како што е регулирано во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Пред два и пол месеци вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека нема да има намалување на старосната граница за пензионирање, но во пензиските реформи ќе има изедначување на годините за пензионирање на мажите и жените.

„Ние пензиските реформи ги навестивме и веќе следната недела имаме меѓусекторски состанок. Сакам да потенцирам дека во предвидените измени не е планирано намалување на возрасната граница за пензионирање туку изедначување на возраста за пензионирањето меѓу мажите и жените што е и уставна категорија, рече тогаш Битиќи.

Изедначувањето сепак не беше споменето во програмата на Владата за новиот мандат. Владата планираше да даде можност за предвремено пензионирање, но со намалување на износот за пензија. Дополнително беше најавено и дека мажите и жените ќе се пензионираат задолжително со навршување на годините за пензија односно 62 години за жени и 64 за мажи.

Според новото законско решение, пензионирањето со навршени 64 години ќе биде задолжително во јавниот и приватниот сектор, со исклучок на здравството и образованието, од 2022 година.