Загрозеноста на нашите најмали е поважен проблем од било кој спор со странска земја
Ги гледаме седнати по тротоарите на улиците како со испружени раце бараат пари додека поминуваме крај нив. Некогаш им оставаме, а некогаш ги одминуваме како воопшто да не постојат, како нивниот глас да е некој далечен шепот кој не допира до нашите уши. А тие се оставени сами на себе. Принудени од своите родители боси и со искинатата облека да седат по тротоарите или да трчаат по луѓето барајќи им некој денар.
Децата питачи се најчест пример за злоупотреба на детскиот труд. Покрај оваа, детскиот труд може да биде и преку злоупотреба на децата за комерцијална сексуална експлоатација, но и работа во опасни работни услови, најчесто во земјоделието.
Најчесто жртви се Ромите. Податоците со кои располагаат меѓународните организации, меѓу кои и УНИЦЕФ, велат дека во ромските предели злоупотребата на детскиот труд е значајно поголема (6,1 %) додека во останатите делови од државата изнесува 4,9. Сепак, овие податоци треба да се земат со резерва бидејќи реалните бројки се многу поголеми, а до нив тешко може да се дојде бидејќи формите на присилен детски труд се од прикриена природа.
Надлежните институции во Македонија немаат редовни, ниту доволно податоци за формите на присилен детски труд. Министерството за социјална политика, демографија и млади или по старо Министерство за труд и социјална политика, центрите за социјална грижа се надлежни во оваа сфера, но и покрај тоа што Македонија ја има усвоено конвенцијата за елиминација на сите форми на присилен детски труд на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и е потписичничка на Агента за одржлив развој на Обединетите Нации, се далеку од решавање на овој голем и болен проблем.
Сите ќе се согласиме дека сето она што оди на штета на нашите најмали е убедливо најголем проблем. Поголем и од спорот со Бугарија и ред други работи кои се важни. Но чувството е дека овој проблем не се третира како таков, туку се става под тепих.
Фото: The Telegraph