НовостиПравдаСветот на работникот

Лекција по трудово право: Меѓународен ден против злоупотреба на детскиот труд

   Време за читање 2 минути
Рубрика за трудово и социјално право
Тема: Меѓународен ден против злоупотреба на детскиот труд
Овој понеделник во рубриката за трудово и социјално право ќе говорам од еден поинаков агол, по повод Меѓународниот ден против злоупотреба на детскиот труд.
Детскиот труд не смее да се злоупотребува!
Детскиот труд не смее да се експлоатира!
Децата имаат свои права кои треба да ги уживаат додека не навршат старосна возраст пропишана со Закон на која имаат право да излезат на пазарот на труд. Детскиот труд не придонесува кон намалување на сиромаштијата, туку напротив – ја одржува сиромаштијата, бидејќи децата кои работат не се вклучени во образовниот процес.
Во Македонија децата чиј труд се злоупотребува се во најголем дел деца на улица кои се најчесто без родители, со еден родител или семејства со нарушени семејни односи. Бидејќи немаат кој да ги насочи, неопходно е државата да преземе мерки и активности прво за нивно вклучување во образовниот процес за да стекнат квалификации за достоинствена работа во иднина, а второ да го зајакне системот на социјална заштита, како важен сегмент од интегриран и сèопфатен пристап кон системско решавање на проблемот. Грижата за децата денес, значи подобро утре за сите.
Република Македонија иако ја ратификуваше Конвенцијата против злоупотреба на детскиот труд, според статистиките, околу 5 % од децата на возраст 5-17 години учестувале во детски труд, дел од нив дури и во опасни услови. Покрај тоа, во земјава има голем број деца кои не се вклучени во образовниот процес (според некои податоци околу 18 000 деца), а околу 1000 деца живеат на улица. Меѓутоа, злоупотреба на детскиот труд не подразбира само физичка работа. Нема податоци колку деца се жртви на комерцијална сексуална злоупотреба (детска проституција и порнографија), трговија со деца, итн.
Проф. д-р Лазар Јовевски