- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Задолжително пензионирање на 64 години

Задолжително пензионирање - Работник
324views

Измените и дополнувањата на законите со кои се регулира задолжително одење во пензија со наполнети 64 години и стаж од 15 години ќе се донесат најверојатно по празниците, а ќе стапат на сила осум дена по донесувањето. Работниците кои сакаат да го продолжат работниот стаж ќе можат да поднесуваат барање до крајот на август годинава, но нивниот продолжен стаж ќе важи до 30 јуни 2022 година. Овие законски измени се дел од договореното на лидерската средба на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а се прифатени и од пратеничките групи. Измените на законите кои го регулираат ова прашање го поминаа првиот филтер во Собранието, но се заглавени со амандмани на опозицијата и со блокадата за донесување на Законот за државјанство на Алијанса и Алтернатива.

Предлагачот на законските имени, пратеници од СДСМ, сега бара начин како да ги вметне договорените измени околу роковите во предлогот, а потоа заедно со новите измени ќе треба да се најде повторно пред пратениците, ако нема блокада на неговото донесување.

Advertisement

– Очекуваме уште во понеделник правните тимови да почнат да бараат решение како овој предлог побрзо да се најде пред пратениците. Веруваме дека по празниците ќе се најде на собраниска седница и да се донесат и да почнат да важат според законот, односно со објавување во Службен весник. Предвидено е работниците кои сакаат да поднесат барање за продолжување на стажот да ја искористат можноста оваа година до 30 август да го сторат тоа. Сепак, иако ние предложивме, продолжувањето на стажот да важи до 31 декември 2022 година, по барање на ВМРО-ДПМНЕ се направи, продолжувањето на стажот да трае заклучно со 30 јуни 2022 година – вели Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да го блокира донесувањето на измените.

Advertisement
Advertisement

– Нашиот услов е законските измени да се донесат со важност од средината на следната година, за да се подготват институциите за реализирање на процесот, а истото е и за граѓаните кои треба да заминат во пензија. Предлогот на СДСМ беше веднаш да стапат на сила законските измени иако нема анализа за тоа колку луѓе се опфатени, а дополнително и граѓаните кои ќе одат во пензија треба да ги усогласат своите планирани обврски, на пример, кредитите кои мислеле дека ќе ги плаќаат како вработени. Ние сметаме дека до 30 јуни 2022 година институцииите имаат доволно време да се подготват и да почне примената на законот. Доколку се прифати овој наш став ние ќе гласаме за измените – вели Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа пратеничка група поднесе 500 амандмани на измените на Законот со кои се предвидува задолжително одење во пензија. Амандманите целосно не беа разгледани на матичната собраниска Комисија за труд и социјална политика бидејќи не беа преведени, па седницата на комисијата беше одложена. Сега треба да се повлечат амандманите и да се прифати само еден кој ќе ги уточни роковите.

Донесувањето на измените на законите со кои се скратува можноста за продолжување на стажот и по исполнување на услови за пензинирање од 64 години старост и 15 години стаж, можно е да биде блокиран од пратениците од Алијанса и Алтернатива.

– Сѐ додека нема конечен договор за Законот за државјанство, законите кои се блокирани во Собранието ќе бидат блокирани. Но се надеваме дека многу брзо ќе се најде решение за Законот за државјанство и ќе се одблокира процесот кој е важен и за овие законски измени – велат од Алијанса и Алтернатива.

Во измените на овој закон се предвидува задолжително пензионирање на 64 години, но останува можноста жените да се пензионираат и на 62 години, како што е регулирано во Законот за пензиско и инвалидско осигурување.

Од задолжителното пензионирање на 64 години ќе има исклучоци за дефицитарни кадри од областа на здравството и во високото образование. Здравствените работници ќе може да се пензионираат на 67 години, но со претходно одобрување од директорот на установата каде што работат и со позитивно мислење од Министерството за здравство дека кадарот е потребен и нема негова замена. За вработените во високото образование исто така се предвидува да можат да останат да работат до 67 години, но за модалитетот кој треба да се произнесе за продолжување на стажот ќе треба да се договорат Универзитетите. Во областите каде имало бенефициран стаж како што е полиција, нема да може да се пролонгира пензионирањето, ако се користи можноста пензионирање пред законскиот рок.

Иницијатива за предложените измени на Законот за работни односи ја поднесоа пратеници од СДСМ. Текстот на измените беше доставен во ноември лани, а планот беше на почетокот на годинава да стапи на сила, но беше блокиран со амандмани.

Предлагачите сметаат дека ова законско решение од една страна ќе овозможи намалување на бројот на јавната администрација, ќе останат оние кои се потребни, но ќе има и места за нови вработувања.

Според анализите кои ги направиле предлагачите во координација со Министерството за труд и социјална политика, лани до крајот на годината возрасната граница за пензионирање со 64 години ја достигнале околу 6.000 лица. Нови бројки за опфатеноста на граѓаните кои ќе се пензионираат со донесување на законските измени засега нема.

Advertisement