Здружение „365 дена работнички права“ го честита 1 – ви Мај со пораката: ПОЧИТВАЈТЕ СЕ, РАБОТНИЦИ!
Соопштение на Здружението „365 работнички права“:
Здружението ,,365 дена работнички права” им го честита Меѓународниот ден на трудот на сите работници со порака: ПОЧИТУВАЈТЕ СЕ, РАБОТНИЦИ!
Оваа порака ја упатуваме за да им порачаме на сите работници дека трудот вреди и треба да се почитува и да се вреднува, а треба да започнеме, пред се почитувајќи се самите себеси. Работниците понекогаш не можат да ги препознаат своите права, затоа што во општеството во кое живееме навикнати сме на систематско прекршување на работничките права и тоа веќе ни станало нешто вообичаено кое не бара реакција од наша страна. Но, треба да престанеме да се однесуваме така и цврсто да се бориме за нашите права, користејќи ги сите можни начини, преку здруженијата, синдикатите, инспекторатите и преку судството.
За жал и овој Меѓународен ден на трудот ќе го поминеме во сенка на пандемијата со Корона вирусот, кој за жал одзема многу животи. Пандемијата уништи многу работни места, остави без работа многу работници и осиромаши многу семејства, а донесе продлабочување на и така големата класна разлика помеѓу работниците. Сепак, пандемијата ни покажа дека трудот вреди и без огромните напори кои ги дадоа работниците, пред се здравствените работници, а и сите останати кои беа на првата линија, светот немаше да успее да се справува на начинот на кој се справува со пандемијата.
Здружението за социјална правда на работниците ,,365 ДЕНА РАБОТНИЧКИ ПРАВА” e здружение на граѓани кое работи за подигнување на свеста на граѓаните и работниците за нивните права, овозможување на пристап до тие права и се залага за социјално, праведно и демократско општество, наспроти недемократско општество со социјална неправда и класна нееднаквост во која моментално се наоѓаме како општество.

