За две илјадарки како пушка спремен да ги предаде колегите
- (ИНТЕРВЈУ) Коцевски: Како синдикат изразуваме поддршка за борбата против криминалните појави во МВР - 12/02/2025
- Сакате работа од соништата? Заборавете на CV – еве што навистина ви треба - 12/02/2025
- Колку претставки добил Државниот инспекторат за труд за неисплатен К-15 во 2024 година? (Графикон) - 06/02/2025
Инспириран од разговорот со една од уредничките на медиумот за којшто работам како дописник, ми дојде идеја да посветам внимание на една важна тема. Зошто преговарачката моќ на нашите работници е помала од онаа на работниците во Западна Европа?
Одговорот на ова прашање за многумина би бил очигледен, но и покрај тоа, овој феномен вреди да се анализира. Во Македонија работниците во приватниот сектор се во мал процент синдикално организирани, а нивната бројка според податоците на Државниот завод за статистика изнесувала 513,292 во 2023 година. Нема точни податоци за тоа колку од работниците во приватниот сектор се синдикално организирани, но познато е дека бројката е мала.
За разлика од Македонија, во западноевропските земји, синдикатите имаат многу поголема моќ, бидејќи имаат поголемо членство, па оттаму имаат и сила да дејствуваат кога е тоа потребно. Иако и таму бројот на членови во синдикатите бележи пад, сепак нивната моќ е значително поголема од моќта која ја имаат македонските работници.
Во Македонија работниците стравуваат синдикално да се организираат, пред сѐ, поради менталитетот. Со оглед на тоа дека најголемиот дел од компаниите во приватниот сектор се мали, во речиси сите има по еден вработен којшто е „миленик на газдата“ и кој е подготвен секогаш да ги брани неговите интереси, наспроти интересите на своите колеги – нешто што е логично. Сепак, за малку зголемена плата подготвен е да биде „уши и очи“ на газдата и штом забележи дека се спрема нешто, веднаш рапортира кај него, како војник на капетанот.
Поради ваквите луѓе, останатите работници се плашат да покренат иницијатива за да формираат синдикат. На сите им требаат парите кои ги заработуваат, бидејќи во оваа скапотија тешко кој може да издржи и еден ден без пари. За многу тоа значи и неплаќање на кредити и острење на забите на извршителите кои со радост чекаат да апнат некој залак.
Преговарачката моќ најмногу се црпи од организираноста, од синдикатот, но како и што посочив погоре – кај нас тоа некако тешко оди.
Секако, има уште многу што да се каже на темата, но сѐ започнува од менталитетот.