За овие работи најмногу лажат луѓето во CV-то и во текот на разговорот за работа

Дали некогаш себеси сте се фатиле како ја разубавувате вистината, да не речеме „лажете“ при пишувањето на вашето CV? Не сте сами.

Веб страната ResumeBuilder спровела анкета меѓу 1,250 Американци со прашањето „за што излажале додека барале нова работа?“. 27 % од нив одговориле дека лажеле во своето CV.

Сепак, најголемата лага се однесува на образованието, каде 44 % од луѓето рекле дека не ја навеле вистината. Годините на искуство го заземаат второто место, додека лажењето за вештините е на трето.

„Луѓето лажат во текот на процесот на вработување кога ги немаат сите барани вештини, ниво на образование или искуство и чувствуваат дека можат да лажат за да можат да го разубават или лажат за да ја добијат работната позиција“, вели Стејси Халер, главен советник за кариера, пренесува Enterprenuer.

Анкетата покажува дека мажите за нијанса повеќе лажат од жените, односно 71 % во однос на 65 % од поубавиот пол.

Исто така, 30 % од испитаниците лажеле за својата раса или етничка припадност. Причината за тоа останува нејасна.

„Потребни се повеќе истражувања за да се покаже зошто избираат погрешно да одговорат на прашањата за доброволна идентификација. Овие прашања се поставуваат делумно, во текот на аплицирањето за организацијата да може да создаде различна и правична работна сила. Лажењето од страна на кандидатите може да ги попречува нивните напори“, истакна Халер.

Дали е во ред барем малку да се лаже?

Лажењето се исплати – буквално, пишува Entrepreneur. 60 % од испитаниците велат дека лажењето им помогнало во процесот на вработување за да добијат поголема плата.

Но, Халер вели дека доколку работодавачот ве фати во лага, можете да се соочите со сериозни последици.

„Како регрутер, доколку увидам дека кандидатот лаже во своето CV или во текот на интервјуто, не би работела повеќе со него. Менаџерите, регрутерите или одделот за човечки ресурси ќе ве запаметат ако лажете и тоа може да ве следи неколку години“, рече таа.

Telegraf Biznis

Фото: Pixabay