МакедонијаСветот на работникот

За поголема продуктивност во Македонија потребно е да се поттикнат и приватните инвестиции на компаниите и граѓаните

Пред некое време објавивме текст за тоа каде се најпродуктивни работниците. Во него беше цитирано дека земјите со поголем удел на индустрии засновани на знаење, како што се технологијата, финансиите и фармацијата – генерираат многу поголема вредност по час работа. Од друга страна, економиите кои се потпираат на земјоделство, туризам или услуги со ниска додадена вредност, бележат пониски нивоа на продуктивност.

Македонија спаѓа во вториот вид на земји. Нашата економија најмногу се потпира на индустрии со пониска додадена вредност. Оттаму го отворивме прашањето како да ја зголемиме продуктивноста?

Според Ангел Димитров, Претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија продуктивноста е најзначајна за зголемување на стандардот на вработените.

„Погрешно е таа да се гледа само како продуктивност на трудот или колку единици производ произвел работникот за еден час, Многу поважно е да се испита колку една земја ги користи своите фактори на производство или т.н. факторска продуктивност“, вели Димитров.

Овде, како што вели, доаѓаме до одговорот на прашањето зошто едни земји имаат 20,30 или 50,000 евра БПД по жител, а други не можат да постигнат ниту 10,000 евра по жител.

„Дури една земја да има доволно развиен пазар на труд и доволно капитал, сепак е многу важна ефикасноста како земјата ги користи овие фактори. А слабата ефикасност произлегува од лошото управување, ниските иновации, лошите институции, лошата технологија, менаџментот, вештините итн.“, посочи Димитров.

Подвлече оти често пати се истакнува дека за развој на економијата е потребна добра бизнис клима, а таа пак зависи од инфраструктурата, регулативата, пристапот до финансии, владеење на правото, корупцијата и итн.

Економистите, како што вели, исто така, заклучуваат дека продуктивноста зависи од износот на вложениот капитал по работник во изминатите 5,10,15 или повеќе години. За да се оствари ова, според Димитров, потребно е поголем дел од БДП-то да оди за инвестиции наместо за потрошувачка.

„Но, овде не се мисли само на јавните инвестиции од страна на државата во разни инфраструктурни проекти, туку и на приватните инвестиции на претпријатијата и инвестициите од страна на граѓаните.

„Затоа, многу е важно да се поттикнат приватните инвестиции на претпријатијата и граѓаните, а тоа не може да се направи ако имаме лоша државна администрација, невладеење на правото, корупција, лоши закони, нетранспаретност за трошење на народните пари, лошо образование и сл“, заклучи Димитров.

Порталот Работник испрати прашања и до економски експерти, но до објавувањето на овој текст не довивме никаков одговор.

Инаку, според последните достапни информации, Бруто домшаниот произовд по глава на жител во Македонија изнесува 24,464 долари.