- Advertisement -
ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Земјоделските работници немале пристап до мерката „14,500 по работник“

Земјоделските работници - Работник
125views

Во Земјоделскиот сектор 20,776 работници останале без работа за време на пандемијата предизвикана од Ковид – 19, покажува анализата на Finance Think. Најголем број на работни места изгубиле самовработените земјоделци и неплатените семејни работници.

Од Фајненс Тинк во анализата наведуваат дека земјоделските работници се одликуваат со низа на ранливости кои ги прават подложни на ударот на корона кризата и поради тоа имаат отежнат пристап до стандардните мерки кои владите ги употребија за зачувување на работните места во сите сектори.

Advertisement

Според анализата, речиси половина од земјоделските работници (48.3%) се самовработени, со што самостојно уплатуваат персонален данок и социјални придонеси во свое име и за своја сметка, со цел да се стекнат со земјоделска пензија.

Дополнителната третина се неплатени семејни работници, додека само 16,2 % работат кај работодавач за плата. 

Advertisement

„Оваа структура се рефлектира и кај формалноста на работните места. Поради доминантноста на самовработените земјоделци, 59,5 % од вработените се нерегистрирани или немаат писмен договор за вработување. Заради истата причина, 49,4 % известиле дека малото земјоделско стопанство нема регистрирани вработени, а 15,7 дека работат на скратено работно време“, стои во анализата на Фајненс Тинк. 

Како што се вели во анализата, оттука е јасно дека мерките кои Владата ги спроведуваше во време на Ковид -19 за зачувување на работните места, првенствено мерката „14,500 денари по работник“, но и мерката за субвенционирање на најмногу 50 % од социјални прионеси, не можеле да бидат искористени од страна на земјоделските работници. Тие мерки барале, се вели во анализата, корисниците да бидат формални работници, со писмен склучен договор за работа кои работат во компании што искусиле пад на прометот поголем од 30 % во однос на 2019 година. 

„Клучната мерка ги опфаќаше самостојните вршители на дејност, но останува отворено прашањето за информираноста кај регистрираните земјоделци околу опцијата да аплицираат за мерката, особено имајќи предвид дека голем дел од нив не користат услуги на сметководствени бироа“, пишува во анализата. 

Од Фајнанс Тинк препорачуваат дека Владата и ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство треба да посветат големо внимание врз земјодлскиот сектор. 

Во анализата е наведено дека најважно и неопходно е да се размисли во дизајнот на мерката „14.500 денари по работник“ да се внесат одредби кои ќе ја направат мерката пристапна за регистрираните земјоделци. Дури и да се задржи моменталниот дизајн, неопходно е мерката подиректно да ги таргетира регистрираните земјоделци, преку административните регистри на државата, за до нив да стигне оваа помош. По примерот на еднократните грантови за игротеки, салони за убавина, ресторани за свадби и ноќни клубови, неопходно е да се размисли за еднократни грантови за мали земјоделски стопанства кои ќе документираат пад на нивниот промет.

Бобан Илијевски

Advertisement