Знам како е да имаш колеги кои во секој момент би те предале за свој бенефит

Автор: Бобан Илијевски

Јас сум еден од оние луѓе кои биле мета на психолошко малтретирање од страна на газдите. Тоа го имам кажано повеќе пати. Понекогаш преку примери, понекогаш дискретно.

Сепак, за оние кои не знаат, да се изјаснам уште еднаш – знам како е да работиш прекувремено, а да не бидеш платен за тоа; знам како е наместо до 15 во месецот, да ти пуштаат плата на 20-ти, па и подоцна, а ти немаш пари да купиш ништо за јадење. Знам како е некој да ти дише во врат следејќи го секој твој потег вршејќи ти притисок. Знам како е храната што ја јадеш, да не може твојот желудник да ја сомеле од преголем стрес и да ја повраќаш. Знам како е, она што велат старите „кожата да ти се лепи на коските“, од што си слаб.

Стресот кој се акомулираше во мене понекогаш се случуваше да го исфрлам на муштерии, а понекогаш дома на моите.

Ме пцуеја за мајка. Ми покажуваа тупаници и се залетуваа кон мене божем ќе ме удрат. Ме понижуваа пред муштерии и клиенти. Ми вршеа мобинг. Поради тоа знам со што се соочуваат другите работници. Поради тоа сум бесен на газдите кои изигруваат робовладетели.

Токму поради овие причини го работам ова што го работам и ги пишувам овие колумни. Целта ми е преку јавно раскажување на мојата приказна да им укажам на останатите каква е ситуацијата. Знам оти многумина ќе речат дека ова што го пишувам тука веќе го знаат. И тоа е одлично, но јас како свесен човек чувствувам дека имам обврска да го споделам моето искуство. Можеби некој ќе се стекне со нова перспектива од него.

Знам како е и да ти се враќаат нозете назад кога одиш кон работа. Знаеш дека иако смената ти завршува во четири, ти ќе останеш до шест или седум часот. Ќе ти даде некоја работа колку само да те остави подоцна. Знаеш и дека нема да бидеш платен за прекувремената работа. Кога си втора смена, ќе те тера да го чистиш локалот до три часот наутро, иако ти цел ден си р’мбал и си се расправал со еден куп луѓе.

Знам како е да имаш „колеги“ кои се преправаат дека ти мислат добро, а зад грб му се упикуваат на главниот зборувајќи сешто за тебе, со надеж дека кога ќе дојде времето ќе добијат некаков бенефит. Предавници! Луѓе без образ и достоинство. Манипулатори. И тоа тешки.

Има и такви кои немаат никаква свест. Одлучени се да му се покорат на газдата по секоја цена. Тие се најлоши, бидејќи ако си поразличен од нив, односно ако имаш повисока свест, тогаш ти си отпадникот.

Јас секогаш се залагам за тоа да се инвестира во работата и да се биде вреден работник, но сметам и дека работодавачите треба да го почитуваат тоа. Во ниеден случај не е дозволиво ти да вложуваш труд, а некој друг да го експлоатира.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.