ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Се надеваат дека платите оваа година ќе пораснат за да ги задоволат основните потреби: 63 % очекуваат зголемување на платата

Продолжуваме со серијалот на Фејсбук анкети на прашања поврзани со работните односи. Така, пред неколку дена, на нашите следбеници на оваа социјална мрежа им го поставивме следното прашање: Дали очекувате во текот на годината да добиете зголемување на платата во фирмата каде што работите?

Како опции им ги поставивме следните три:

  • Да, очекувам платата да ми се зголеми согласно трошоците за живот;
  • Да, очекувам платата да ми се зголеми, но за мал износ и
  • Не, не очекувам воопшто да ми се зголеми платата.

Нашите очекувања беа дека најголемиот дел од луѓето ќе ја одберат последната опција, согледувајќи ја ситуацијата на пазарот на труд во Македонија, но испадна сосема спротивно.

Имено, од вкупно 142 кои одговориле на прашањето, најголемиот дел или 63 % очекуваат да им се зголеми платата согласно трошоците за живот од страна на фирмата каде што работат.

29 % од нив не очекуваат фирмата каде што работат да им ја зголемат платата, а само 8 % се изјасниле дека очекуваат платите да им се зголеми за некој мал износ.

Ако ги анализираме горенаведените податоци, ќе дојдеме до заклучок дека најголемиот дел од испитаниците, сѐ уште немаат „кренато раце“ од потребата да се зголемат платите согласно трошоците за живот. Оваа тенденција на „кревање на раце“ од зголемување на платите, може да се забележи кај овие 29 % од испитаниците кои не очекуваат дека платите ќе бидат доволно големи за да се справат со инфлацијата.

Инаку, денеска излегоа и податоците од Државниот завод за статистика за износот на просечната нето плата во ноември 2022 година која тогаш изнесувала 33,011 денари.

Последните податоци од ноември за синдикалната минимална кошница покажуваат дека на едно четиричлено семејство изнесувала 51,714 денари, додека пак во декември инфлацијата се искачи на 19,5 %.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk