- Advertisement -
МакедонијаНовостиПравдаСветот на работникотСиндикат

ЗНМ и ССНМ со барање до МРТВ: Да се реши работниот статус со дописниците

452views

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) заедно со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во Македонија (ССНМ) денес на барање на дел од дописниците на МРТВ, организираше состанок на кој се разговараше за работниот статус на 12-те дописници на јавниот национален радиодифузен сервис.

Според колегите дописници од МРТ, овие 12 новинари и сниматели во моментов немаат работен договор бидејќи истиот е истечен во декември 2021 и практично со тоа е нарушена и така скромната дописничка мрежа на овој медиум.

На состанокот дописниците беа информирани дека менаџментот на МРТ е запознаен со овој проблем кој не се случува прв пат. Од таму е добиена заложба за решавање на оваа состојба која наводно настанала поради административни бариери. Менаџментот на МРТ се заложи во најбрзо време да обезбеди нови договори на хонорарните работници во овој медиум и истите да бидат потпишани заклучно со декември 2022 година.

ЗНМ и ССНМ дополнително формално ќе се обратат до МРТ во чие барање ќе се инсистира на директно потпишување на договори помеѓу МРТ и хонорарните работници без присуство на авторска агенција како привремено решение, а потоа и трајно решавање на овој проблем преку договори за неопределено вработување. Само на овој начин може да се гарантира дека ќе постојат минимум капацитети на МРТ за известување на локални теми од јавен интерес.