Зошто враќањето во канцелариja создава нов јаз меѓу работодавачите и вработените?
Сè поголем број големи компании ги враќаат вработените во канцелариите пет дена во неделата. Во текот на изминатата недела тоа го направија и Stellantis и Home Depot, приклучувајќи се кон компании како Amazon, Instagram и Paramount, кои воведоа строги правила за враќање на работа со физичко присуство.
Според податоците на платформата Flex Index, 34 отсто од американските компании сега бараат постојано присуство во канцеларија, што повторно го отвора прашањето: дали интересите на менаџментот и на вработените сè повеќе се разидуваат?
Што сакаат раководителите, а што вработените
Додека раководителите тврдат дека работата од канцеларија ја зголемува продуктивноста, креативноста и ја зајакнува културата на компанијата, вработените, особено помладите генерации, размислуваат поинаку. Истражувањата покажуваат дека работата пет дена од канцеларија е најмалку популарниот модел, особено меѓу вработените во дваесеттите и триесеттите години од животот.
Според податоците на Gallup, само 6 отсто од припадниците на генерацијата Z и 4 отсто од миленијалците сакаат да работат исклучиво од канцеларија. Повеќето го преферираат хибридниот модел, а дури 71 отсто од припадниците на генерацијата Z го наведуваат како најдобра опција.
Послабиот пазар на труд го менува однесувањето на вработените
Сепак, променетите услови на пазарот на труд влијаат врз тоа вработените полесно да се помируваат со правила што не им одговараат. Вработувањето во САД во текот на 2025 година го забележа најслабиот раст од 2003 година наваму надвор од рецесија, додека истовремено расте и бројот на долгорочно невработени лица.
Поради тоа, подготвеноста на вработените да дадат отказ значително опадна. Во декември само 40 отсто од работниците изјавиле дека би го напуштиле работното место поради задолжителното враќање во канцеларија, додека на почетокот на годината такви биле дури 91 отсто.
Експертите предупредуваат дека тоа не значи поголемо задоволство, туку прилагодување од нужда.
Истражувањата покажуваат дека токму најискусните и најквалитетните работници почесто си заминуваат по воведувањето строги правила за враќање во канцеларија (RTO). Според анализите, веројатноста за заминување на високо квалификуваните вработени е поголема за дури 77 отсто во споредба со останатите.
Постојат и мислења дека одредени компании свесно го користат враќањето во канцелариите како начин да го намалат бројот на вработени без формални откази.
Хибридната работа како компромис на иднината
Иако некои компании инсистираат на целосно враќање, повеќето работодавачи и понатаму нудат хибридни модели на работа. Токму таквите компании, сметаат експертите, ќе имаат полесна задача да привлечат и задржат врвни кадри во наредните години.
Прашањето повеќе не е дали се работи од канцеларија или од дома, туку колку работодавачите се подготвени да се приспособат на реалните очекувања на вработените.
Извор: BIZLife / К. Ј.

