Зошто да одберете фриленсинг, а не работа на половина работно време?

Бобан Илијевски

Во ова кризно време на речиси сите ни се потребни дополнителни приходи, покрај оние коишто ги добиваме од нашата постојана работа. Едно решение за тоа е да се најде дополнителна работа на половина работно време, но тука постои еден проблем. Работата на половина работно време не овозможува голема флексибилност, па тоа значи дека веднаш штом ќе завршите со вашата примарна работа, морате да се „фрлите“ на работата на половина работно време. Исто така, сте обврзани и да потпишете договор за вработување кој предвидува свои обврски и права (на пр. на половина работно време ви следуваат 10 дена годишен одмор). Тоа значи дека не можете кога сакате да се одморите од преработеноста која порано или подоцна, ќе си го земе својот данок.

Од друга страна, фриленсингот нуди многу поголема флексибилност. Можете да работите кога сакате и колку сакате и да земете одмор кога ќе ви е вам потребен. Поради тоа, луѓето на Запад кои сакаат да остварат дополнителен приход се одлучуваат на овој начин на работа.

Истражувањето на платформата за фриленсери Upwork покажува дека во САД, една третина од работната сила заработува преку фриленсинг.

Потребно е да се спомене дека иако нема точни податоци, сепак голем број на луѓе од Македонија работат на овој начин.

„Кршење на мразот“

Многу е важно да знаете што сакате да работите и да аплицирате токму за тоа. Нормално е да бидете одбивани од страна на некои клиенти, но не губете надеж. Ќе дојде време кога ќе имате работа и повеќе од колку што сакате. Важно е да работите на себе и да знаете како да му пристапите на клиентот. Доколку сакате да започнете да работите како фриленсер на некоја од платформите кои се со таква намена, како на пр. Upwork, Fiverr, Freelancer итн. тогаш одете на нивните веб страни и прочитајте ги советите коишто ги даваат самите тие и од прва рака дознајте што е потребно за да се биде фриленсер.

Најплатени професии кои можете да ги работите како фриленсер

Пред да продолжиме и да наведеме кои најплатените фриленсинг професии, мораме да потенцираме дека доколку сте почетник – фриленсер, тогаш не можете да очекувате веднаш да заработувате голема сума на пари. Потребно е време, искуство, унапредување на постоечките но и стекнување на нови вештини коишто ќе бидат потребни за да можете да дојдете до поголема заработка.

Најплатени фриленсинг професии се оние коишто се поврзани со ИТ и графички дизајн. Сепак, има и професии кои не бараат големо познавање на програмирање, но сепак се платени, на пример како наставник или тутор.

Во прилог следуваат 10-те најплатени фриленс професии.

  1. Веб дизајнер и веб девелопер
  2. Графички дизајнер
  3. Наставник/ Тутор
  4. Виртуелен асистент
  5. Фриленс автор
  6. Уредник (Editor)
  7. Сметководител/ финансиски консултант
  8. Специјалист за социјални медиуми
  9. Развивач на апликации
  10. Креатор на содржини

Во следниот текст ќе ги објасниме сите овие професии поединечно. До тогаш, размислете за можностите коишто ги нуди фриленсинот.