МакедонијаПравдаСветот на работникот

Зошто „Мета“ ја прекина соработката со новинарката Дуковска?

Зошто „Мета“ ја прекина - Работник
1.53Kviews

За прекинот на соработката со новинската агенција „Мета“ бев информирана преку телефон, со промрморено објаснување дека е поради некаква реорганизација во компанијата. Не ми испратија ништо написмено или преку мејл, за Порталот Работник вели новинарката Југослава Дуковска која две години на договор работела во новинската агенција „Мета“, за да по истекувањето не и го продолжат истиот.

„Ми се јавија на 21 јули и ми кажаа дека за август нема да ми биде обновен договорот. Прекинот на соработката се случи само неколку дена откако тие самите ми најавија дека со мој текст сакаат да учествуваат на меѓународен конкурс на за истражувачко новинарство“, истакна Дуковска.

Вели дека за две години, колку и што работела во „Мета“, ова е втор пат да конкурираат со нејзин текст. Таа дознала дека е единствената која е отпуштена, а како што вели во последниве месеци се примени голем број на новинари во „Мета“. Истакна дека во 2018 година, била повикана од страна на „Мета“ за соработка како еко – активист со образложение дека токму нејзиното искуство во борбата за здрава животна средина, заедно со новинарското искуство ќе придонеле за подобро обработување на темите од таа сфера. 

Таа посочи дека проблемите започнале кога дошол новиот главен уредник Горан Ризаов. Со Зоран Андоновски, претходниот главен уредник имале перфектна соработка, вели таа, истакнувајќи дека штом на позоцијата дошол Ризаов ја прекинал комуникацијата со неа, иако тие претходно, односно пред да дојде на позицијата главен уредник имале одлична комуникација. 

„Два месеци, Ризаов речиси и да не комуницираше со мене. Не одговораше на моите повици и на моите пораки. Ретко контактиравме, ми се јавуваше еднаш во десет дена за да ми нарача текст и толку“, вели Дуковска. 

Како што вели таа, тој одбивал идеи за теми кои според неа, биле многу важни и актуелни за состојбите во животната средина. Дуковска истакна дека тој ги преправал или воопшто не ги објавувал текстовите напишани од неа, што не било случај кога бил претходниот главен уредник. 

„Сега мислам дека тоа беше смислена стратегија за да се прикаже дека не работам добро“, вели Дуковска. 

Истовремено, започнале да и се јавуваат одамна заборавени „пријатели“ од политичката партија ДУИ, кои ја прашувале што има толку против партијата. Вели дека во животната средина се преплетуваат многу бизнис интереси на близок до ДУИ. Таа наведе дека станува збор за дивоградбите на Матка, охридското крајбрежје и мали хидроцентрали, особено на Шар планина. За сите овие теми, вели Дуковска, немала зелено светло од страна на главниот уредник. 

Имено, Југослава Дуковска е новинар од 1989 година. Таа прво започнува со работа во Нова Македонија од 1991 година. До 2005 година работела во Македонија денес, неделник денес и во Актуел кои повеќе не постојат. По пауза од 13 години таа повторно се вратила во новинарството. Инаку, покрај тоа што е новинар, таа е и планинар и екоактивист. 

Порталот Рабоник побара коментар и од главниот уредник на „Мета“, Горан Ризаов којшто рече: Почитуваната госпоѓа Дуковска, која исклучително ја ценам како новинар, никогаш не била вработена во Мета.мк и не е отпуштена. Таа беше хонорарно ангажирана со договор на дело кој имаше ограничена должина и заврши. Впрочем, секоја новинска организација има право без надворешни влијанија и независно да го одбере тимот на новинари со кој ќе соработува. Посебно затоа што сме во процес на интерна реорганизација за прилагодување на новонастанатите услови поради пандемијата и недостаток на ресурси. Мешањето во ваквите процеси од надворешни страни го сметаме за директен притисок врз слободата на медиумот.

Бобан Илијевски