- Advertisement -
НовостиСветот на работникот

Иднината на работниците е во секторот на обновливи извори на енергија – Речиси насекаде има недостиг на работна сила во секторот

Соларни панели - Работник
1.03Kviews

Бобан Илијевски

Иднината е во секторот на обновливи извори на енергија. Ова го велат речиси сите експерти во светот. Овој сектор наголемо започнува да се развива во развиените економии, како што се САД и Германија, а со тоа и е потребен кадар за да работи во истиот. Но, како што речиси сите останати сектори се соочуваат со недостиг на кадат, со истиот проблем се соочува и овој сектор. Имено, неодамна пишував за оваа тема и според она што ми го кажаа од Групацијата на обновливи извори при Стопанската комора на Северна Македонија, овој сектор навистина го очекува турбулентен период.

Од Групацијата истакнаа дека во секторот на обновливи извори на енергија се‘ уште има квалитетна работна сила, но потенцираа дека постои можност за нивно заминување во странство. Тоа сигурно би се случило поради тоа што во странство платите во овој сектор се многу поголеми.

Во однос на тоа каков вид на работници се потребни во овој сектор, од таму истакнаа дека во најголем дел потребни се електро, машински и градежни инженери, но можат да работат и работници со завршено средно стручно училиште од машинската, електро и градежната струка.

Платите во овој сектор, моментално во Македонија изнесуваат од 400 до 1,500 евра и истите зависат од искуството, знаењата и вештините кои ги поседуваат работниците. Реално гледано, платите не се мали, но сепак мал е интересот од страна на младите да завршат струки коишто ќе им овозможат да работат во секторот на обновливи извори на енергија. Од друга страна, оние коишто ги имаат потребните знаења и вештини заминуваат во земјите од Западна Европа и САД, каде што има недостиг на работна сила токму од овој сектор и каде што поради тоа, се нудат поголеми плати.

Имено, според една анализа, Соединетите американски држави до 2030 ќе додадат 11,9 милиони нови работни места до 2030 година. Гледано според сектори, токму секторот на обновливи извори на енергија ќе доживее најголем раст, а професиите коишто спаѓаат во истиот се во топ 10 најбарани професии до 2030 година.

Во анализата се наведува дека во топ 10 најбарани професии, прва е професијата Сервисен техничар за ветерници, којашто ќе доживее раст од 68,2 % и годишната медијална (средна) плата ќе изнесува 56,230 долари или 47,977 евра. На трето место е уште една професија која е дел од секторот на обновливи извори на енергија – Стручњаци за инсталирање на соларни панели – оваа професија ќе доживее раст од 52,1 %, а годишната медијална плата ќе изнесува 46,470 долари или 39,649 евра.

Извештајот на Меѓународната Агенција за обновливи извори на енергија покажува дека во 2019 година во овој сектор биле вработени 11,5 милиони луѓе ширум светот. Што се однесува до недостигот на работна сила, само во Германија моментално се бараат преку 50,000 работници, од различни профили, за работа во овој сектор.

Имено, една од целите поради којашто се работи толку интензивно на развој на овој сектор е заради заштита на животната средина и справувањето со климатските промени и глобалното затоплување, едни од најголемите проблеми со кои се соочува човештвото.

Фото: Freepik