Извештај: Обидувајќи се да дојдат до поголем профит, работодавачите ги погазуваат работничките права
Бобан Илијевски
Моменталната ситуација со работничките права во Македонија е загрижувачка. Она што сите гласно го говорат, но не се осмелуваат да го пријават се низа прекршувања на работничките права. Ова го вели Извештајот насловен како „Приоритетни проблеми со почитувањето на човековите права во Република Северна Македонија“ којшто е финансиран од Европската унија, а е изработен од страна на Балкон3 (веб страна која се занимава со различни теми од културолошки аспекти, но и други и ги поврзува Македонија, Грција и Турција).
Во Извештајот се нагласува дека еден од бројните примери кој како појава постои во Македонија е злоупотребата со лицата кои се пријавени на скратено работно време, а во реалност работат на полно работно време, нагласувајќи дека целта е работодавачот да плаќа помали придонеси.
„Вината е и на страна на работниците кои не пријавуваат сметајќи дека немаат излез, а и поради тешкотиите да се дојде до работно место често се согласуваат да бидат злоупотребени на овој начин“, се вели во Извештајот.
Сепак, потенцира дека главната вина е кај работодавачите кои сакајќи да дојдат до поголем профит, ги погазуваат работничките права и кај државните институции кои наместо да застанат на страната на законот, често замижуваат пред прекршувањето на работничките права од страна на работодавачите, поради една или друга причина.
Нагласува дека ваквите појави треба да се откриваат, пријавуваат и спречуваат преку Државниот инспекторат за труд, истакнувајќи дека потребни се чести контроли на терен од страна на инспекторатот, но воедно и подигнување на свеста на работниците за правата кои ги имаат и нивната заштита, односно навремено пријавување на секоја злоупотреба или неправилност.
Добар дел од одговорноста паѓа и на синдикалните организации, посочува Извештајот. Ако постојат, ретко кога се активни, а во некои фирми и организации е јавна тајна дека сопственикот или менаџментот не дозволуваат формирање на синдикат иако тоа е право и обврска пропишано со закон.

Извештајот како уште една појава го истакнува и неплаќањето на прекувремената работа, потенцирајќи дека истата останува непријавена. Друга директна повреда на работничките права, според извештајот е плаќањето на законски предвидениот минимален износ на плата, додека остатокот на работникот му се дава на рака, со цел да се избегне плаќањето на придонесите, или пак случаите кога работникот враќа дел од платата, каде особено е карактеристично враќањето на К-15, кој работодавачот е обврзан да му го исплати на работникот.
„Сите овие аномалии се познати во јавноста, меѓутоа ретко кој од работниците се осмелува да преземе конкретни чекори за санкционирање на истите. Навистина тешко се докажуваат, никој не сака јавно да говори, ниту да ги пријави неправилностите“, се вели во Извештајот.
Извештајот потенцира дека Мобингот или вознемирувањето на работното место е честа појава на работните места во реалноста, но не само што тешко се докажува, туку и ретко се осмелуваат луѓето да пријават мобинг, нагласувајќи дека во судството има многу малку вакви процесирани предмети, а уште помалку позитивни пресуди за жртвите на мобинг.
Во извештајот се наведува дека решение за загрозување на човековите права, граѓаните не гледаат во судството и надлежните институции, и тоа најчесто поради недоверба во системот, туку иднината ја гледаат се повеќе во иселувањето во некоја од поразвиените земји.
„Поради вредностите и системите на ред кои владеат во високоразвиените земји, повисокиот стандард и одличните услови кои се нудат за живеење и работа, се поголем број на граѓани кои и во Македонија имаат „удобен“ живот, сепак заминуваат од државата, најчесто засекогаш.
Извештајот ги наведува и констатациите на Народниот правобранител во Годишниот извештај за 2018 година, каде што се вели:
- Недостатокот на професионализам, особено на раководните работни места во сите сфери и нивоа од областа на работните односи, доведува до намалување на ефикасноста во работењето, но и на губење доверба кај граѓаните.
- Зачестена појава на склучување на договори на определено работно време во органите на државната управа, со што лица без искуство се избираат на конкретни работни места, не се искористува стекнатото работно искуство на претходните, а на вработениот на кој на ваков начин му престанува работниот однос се доведува во состојба на егзистенцијална несигурност.
- Во Јавните претпријатија, како и во основните училишта при изборот на кандидати за објавените работни места не секогаш се бираат кандидати со најдобри компетенции, односно нема еквивалент помеѓу потребните квалификации на кандидатот и избраниот кандидат.
- При распоредување на вработените од повисоко на пониско работно место, работодавачите носат решенија кои не содржат или се со недоволно поткрепени објаснувања.

