Илјадници непријавени, работници што земаат плата под минималната… Македонија далеку од пристојни работни места
Работат, а се сиромашни. Ова во кратки црти е состојбата во која се наоѓаат македонските работници. Истата, очигледно, е далеку од пристојна. Оттаму, по повод 7-ми октомври – светскиот Ден на пристојна работа, можеме со сигурност да констатираме дека Македонија сé уште е далеку од држава која нуди пристојни работни места.
Во текот на изминатите години бевме сведоци на бројни прекршувања на работничките права, но и меѓународни стандарди и прописи. Имаме работници кои не можат навремено да земат плата, иако компаниите имаат рок до 15 во месецот истата да ја исплатат. Имаме работници кои сé уште земаат плата под минималната.
Да не зборуваме пак за оние кои работат непријавени, чиј број според податоците на Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“ изнесува 11,8 % од вкупно вработените лица. Тоа значи дека имаме илјадници лица кои немаат здравствено и пензиско осигурување.
Дополнителен и голем проблем се и небезбедните работни места. Речиси секоја година имаме загинати и повредни работници на нивните работни места.
Поразително е и тоа што минатата година, државата си зеде за право да го зголеми работното време за сите оние работници кои работат „на проекти од стратешко значење за државата“ на 72 часа. Ваквиот потег предизвика реакции и од страна на светските организации на синдикати, но и самите синдикати во Македонија. Промените на Законот за работни односи со кои се зголеми работното време беа дадени и пред Уставниот суд, но според истиот, во нив нема ништо спорно.
Минатата влада на почетокот на минатата година се обиде со Препорака да го суспендира законското решение за недела неработен ден и тоа токму за Нова година и православниот празник Божиќ. За среќа, по реакциите на дел од граѓанските организации и медиумите истата ја повлекоа.
Има уште многу да се пишува за прекршувањето на работничките права и има уште многу аргументи кои потврдуваат дека Македонија талка зад останатите европски земји во овозможувањето на пристојна работа.
- Како да ги зголемите шансите за наоѓање работа преку LinkedIn профилот?| Изабела Шкоф, Советник за развој на кариера [ВИДЕО] - 24/04/2025
- ЕДНО ПРАШАЊЕ: Што значи прекувремена работа? - 23/04/2025
- КАКО ДА ОДГОВОРИТЕ НА ПРАШАЊЕТО „КОЛКАВА ПЛАТА ОЧЕКУВАТЕ?“ НА ИНТЕРВЈУ ЗА РАБОТА – ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ НА ИЗАБЕЛА ШКОФ, СОВЕТНИК ЗА РАЗВОЈ НА КАРИЕРА [Видео интервју] - 17/04/2025