Имаат пари за се друго, освен за народот кој боледува и е жртва на екстремна сиромаштија

Автор: Бобан Илијевски

Речиси секој ден на социјалните мрежи можат да се видат објави во кои стои: тој и тој или таа и таа боледува од таа и таа болест, да бидеме хумани и да донираме.

Немам ништо против тоа да се донира за да се помогне на некое лице. Јас донирам колку што можам, а има и многу други коишто го прават истото со цел да им помогнат на овие луѓе. За жал, иако Македонија уставно се декларира како социјална држава, мислам дека е далеку од тоа. Многумина од вас кои го читаат ова претпоставувам дека ќе се согласат со мене.

Земајќи ја оваа теза во предвид, сметам дека наместо социјална треба да стои капиталистичка, барем така ќе знаеме дека луѓето коишто се социјално загрозени се оставени сами на себе и на милоста на луѓето „кои имаат малку повеќе“ и кои и покрај тоа што и тие самите се економски загрозени, од срце даваат по 100 денари за да им помогнат.

Државата нема пари за овие луѓе, но има во медиумите за реклами. Има пари за бифтеци, морски плодови и аперитиви кои обичниот народ не може да ги замисли, а камо ли да ги купи. Обичните луѓе цела година одвојуваат пари, за да кога ќе одат на одмор со своите деца, во соседните земји, да им овозможат да пробаат некој морски плод и слично. Се разбира ова важи за оние кои можат да си го дозволат тоа.

И тука морам да им посветам малку внимание и останатите политички актери, кои никако не се бунат за сумите коишто им следуваат од буџетот на народот и никако не им текнува да дадат нешто од тоа во донации.

И знаете што – во моите очи сите се исти се додека некој не покаже дека ќе биде поинаков.

Да бевме правилна социјална држава ќе формиравме фонд за донации, па дел од парите коишто одат за непродуктивни трошоци ќе се пренаменеја токму за тој фонд. На тој начин, државата би можела да им помогне на сите луѓе со загрозено здравје, но и на оние кои се соочуваат со екстремна сиромаштија.

Ние, обичните луѓе, ќе помагаме колку што можеме и нема да престанеме, а функционерите треба да го стават прстот на глава и да размислат за тоа дека и во ситуација кога го имаме еден од најлошите стандарди во светот, народот помага.

 

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.

Бобан Илијевски

Бобан Илијевски е главен и одговорен уредник на порталот Работник и е еден од ретките новинари во Македонија специјализирани за областа на работните односи.