ИнтервјуаНовости

„Имаме докази и во постапка сме пред институциите“, вели Коцевски за кривичната пријава и претресот на неговиот дом (ИНТЕРВЈУ)

   Време за читање 10 минути

„Веќе имаме обезбедено доволно докази за наведеното и во постапка сме за докажување на наведеното пред институциите. Истото важи и за вториот човек на СВР Велес кој злоупотребувајќи ја положбата, свесно заедно со првиот преземале дејствија што не смееле и требало да знаат дека не треба да ги преземаат над СПМ. Едно е јасно, СПМ нема да му прости на никого на неправдата која му се нанесува во моментов“, вели Орце Коцевски, Претседател на Синдикат на полиција во Македонија, во интервју за порталот Работник. 

Новинар: Бобан Илијевски

Со Коцевски разговаравме на повеќе прашања, вкучително и за кривичната пријава против него и претресот на неговиот дом, при кој бил одземен синдикален имот. Разговаравме и за синдикалните права, но и за платите.

Работник: Против Вас како претседател на Синдикат на Полиција во Македонија беше поднесена кривична пријава а и ви беше претресуван домот од страна на полициски служби од каде биле одземени синдикални пристапници. На што се должи сето ова?

Коцевски: Можам слободно да кажам дека се ова што се случува претставува срам за една „демократска“ земја, земја која се стреми за влез во Европската унија. Замислете само заради нашата борба и презентирање јавно на проблемите со кои се соочува Полицијата, неколку месеци наназад, внатрешната контрола, СВР Велес подготвуваа и креираа сценарио, без никакви докази, без никакви проверки само да ја оцрнат работата на синдикатот поднесоа неоснована кривична пријава за што немаат ниту еден доказ. Незаконски извршија претрес и одземаа пристапници кои се водат како имот на синдикатот, неосновано вршеа притисоци на членството прашувајќи ги дали се нивни потписи или не. Дури СВР Велес ги тераше сите наши членови да пишуваат службени белешки и да наведат дали сакаат да заминат од синдикатот. Ова согласно Законот за работни односи преставува директно мешање на работодавецот во работата на синдикатот и верувам дека на главните актери им е познато дека кога сето ова ќе заврши многумина ќе мораат да понесат одговорност за нивното незаконско работење. Ќе си земам за право да кажам и дека „водечкиот“ инспектор на оваа операција  водејќи се со помислата дека со нанесената штета врз синдикатот ќе добие некакво „унапредување“ а воедно и креатор на ова сценарио, на основачи на синдикатот им презентирал лажни исправи, лажни факти доведувајќи ги во заблуда ги терал да потпишат нешто што не се случило. Веќе имаме обезбедено доволно докази за наведеното и во постапка сме за докажување на наведеното пред институциите. Истото важи и за вториот човек на СВР Велес кој злоупотребувајќи ја положбата, свесно заедно со првиот преземале дејствија што не смееле и требало да знаат дека не треба да ги преземаат над СПМ. Едно е јасно, СПМ нема да му прости на никого на неправдата која му се нанесува во моментов.

Работник: Што како Синдикат презедовте околу овие случувања. Дали побаравте поддршка од страна на Европската конфедерација на синдикати? Доколку да, што ви одговорија од таму?

Коцевски: СПМ како членка во Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС секако дека побара подршка и помош од Европската конфедерација на синдикати. Од таму првиот човек на Конфедерацијата упати писмо со сериозна критика до Премиерот Ковачевски, Министерката Тренчевска и Министерот Спасовски за грубо кршење на многу меѓународни конвенции кои Македонија ги има ратификувано и е должна да ги почитува, за прекршување на многу права и за мешање во синдикалното работење. Штетата која допрва некој свесно и со умисла ја направи со овој случај ќе се види со извештајот за Македонија. Едно е јасно, пробаа но имаа неуспешен обид да не поколебаат да запреме во борбата за подобри услови и права во Полицијата. Ја покренаа незаконски цела машинерија, началници, командири, помошници на директор и кој ли уште не, но верувам дека во оваа борба ќе победи правдата и СПМ.

Работник: Кога зборуваме за синдикалните и работничките права, со оглед на тоа дека веќе подолго време не сме правеле интервју, како ја оценувате состојбата на синдикално поле во Македонија?

Коцевски: Мене ми е добро познато синдикалното поле во МВР и ќе си дозволам да зборувам таму. Јас ќе кажам состојбата е повеќе од катастрофална. Добар си само доколку не бараш подобри услови и права во полицијата, а таков е случајот со еден најброен синдикат во МВР. Побараш ли подобро право, го кренеш ли гласот, ја запознаеш ли јавноста за тоа дека притисокот над синдикатот и синдикалните претставници е се поголем… Јас ќе кажам едно, не знам како ќе бидам сфатен. Па ние „вода“ може да му носиме на еден претседател кој сам милува да се само-нарекува единствен и на начинот на кој се однесува тој претседател и со неговото однесување изминативе години се нанесе непоправлива штета на Македонскиот полицаец. Тера ПР дека има било какви активности, а всушност цели овие години се крие зад ПР на Министерот, секогаш зад него на било кој настан дури и онаму каде не треба да биде како претставник на синдикат. Направи замислена слика дека прави нешто, дека создава а вистината е дека истиот е највиновен за илјадници незаконски решенија, стотици и стотици неодбранети дисциплински, илјадници незаконски наредби, никакви одредби за безбедност и здравје при работа, никаква заштитна опрема на полицаецот. Потпиша колективен договор презентирајќи го дека е нај европскиот и најдобар за сите времиња, а со тој колективен полицаецот зема помала основна плата и од законскиот минималец. За ова треба да се засрами и веднаш да си замине од тоа место бидејќи не покажа дека се бори за полицаецот. За што се бори можеби некогаш ќе покаже времето. Но едно ќе кажам, благодарение на КСС и нејзините грански синдикати во иднина ќе дојде време за подобри општи права на работникот а со тоа и на полицаецот. Времето ќе покаже дека е така.

Работник: Дали праксата за преместување на вработени надвор од нивното место на живеење продолжува и понатаму? Што покажуваат вашите информации од терен?

Коцевски: Јас ќе ве упатам како новинар да истражите колку МВР секоја година плаќа тендери  за превоз на полициски службеници и ќе ви стане јасно што зборувам. Пак ќе кажам, благодарение на Синдикат на Полиција во Македонија решенијата надвор од местото на живеење ги сведовме на минимум иако сеуште ги има во голем број. Со нашата борба низ институциите покажавме и докажавме дека МВР незаконски распоредува свои вработени. Со години комисијата за распоредување не работела законски, нивните претседатели сами потпишувале одлуки спротивно на закон и наместо да има одговорност за нив, истите сѐ уште се наоѓаат на највисоките места во МВР. Со незаконските распоредувања се нанесе милионска штета по однос на добиени пресуди на суд. Но за неспроведувањето на судските правосилни решенија и одбегнувајќи МВР да ги спроведе за оваа тема во друга прилика…

Работник: Неодамна побаравте зголемување на платите на вработените во МВР, согласно зголемувањето на минималната плата. Очекувате ли дека Вашето барање ќе се исполни и што доколку не биде исполнето?

Коцевски: Да, точно пред некој ден побаравме зголемување на платите за 10% и враќање на законскиот максимум на прекувремените часови. Во време кога основната плата на полицаец е околу 15.000 денари, зголемување на платите за 10 % лично сметам дека е срамно и бедно, посебно во време на ваква ненормална инфлација. Полицаецот никогаш не земал помала плата во однос на денешната инфлација. За тоа потврдува и неодамнешната анкета дека Македонецот е нај несреќен во регионот. Паралелно така е и со полицаецот, несреќен и уплашен и секојдневно размислува како да се збогува со оваа земја и да замине во подобра иднина. Пак ќе повторам, Синдикат на полиција во Македонија не се откажува со единственото барање а тоа е едно евро еден бод основна плата. Веруваме дека ова барање иако мало од 10% ќе се исполни и веќе од месец Април вработените ќе имаат зголемени плати. Доколку не биде исполнето и ова барање, тоа ќе биде срам за првиот човек и Министерството воопшто. Ако може слободно да кажам дека наместо „задоволна“ имаме уплашена полиција тешко дека во догледно време полицаецот ќе го крене својот глас. Сето ова е резултат на страв од незаконските распоредувања, мобингот, меѓучовечките односи, малтретирањето….. Како и да е разговараме со членството, со вработените ја креваме свеста на работникот и доколку е потребно ќе преземеме и порадикални чекори се додека навистина не добиеме задоволна полиција, а тоа го чувствуваат и самите вработени. Се додека платата на полицаецот се мери со законскиот минималец, никогаш нема да имаме задоволна полиција!

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.