Останато

ИМ СЕ ВРАТИ КАКО БУМЕРАНГ – Кога имаше огромна невработеност ги прекршуваа работничките права, денес едвај наоѓаат работници

Пред една деценија, кога во Македонија невработеноста беше значајно поголема од што е денес и кога компаниите можеа да бираат работници, одредени работодавачи, во голем дел, ги прекршуваа работничките права. Денес, сето тоа им се враќа како бумеранг.

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров се согласува со ставот дека прекршувањето на работничките права е една од причините за недостигот на работна сила.

Точно е дека во времето кога Македонија имаше огромна невработеност, одредени работодавачи ја злоупотребуваа оваа состојба и не ги почитуваа работничките права. Ова особено беше изразено во однос на работното време, плаќањето на прекувремената работа, годишниот одмор, односот кон вработените…“, рече Димитров.

Тој признава дека непочитувањето на работничките права како бумеранг им се врати на работодавачите, со тоа што денес тие не можат да најдат работници.

Според него, прекршувањето на работничките права е една од причините за заминувањето на младите во странство, но, како што вели, не е единствена ниту пак најважна.

Прекршување на работнички права има и во развиените држави. На пример, ако сте вработени во Германија, каде газдата е Германец, ќе ги имате сите работнички права, но ако газдата е од Балакнот, тогаш вашите работнички права ќе бидат помалку почитувани, истакна нашиот соговорник.

Иселувањето на работната сила, како што вели, од помалку развиените држави во развиените е застапено и во земјите со строги закони и строги казни за непочитување на истите. Оттаму, главна причина за иселувањето на младите е големата разлика во доходите помеѓу државите.

Вие не можете да имате еднаков животен стандард со 7,8 или 9 илјади долари по жител со државите кои имаат 20,30 и повеќе илјади долари по жител, вели тој.

Нашиот соговорник го прашаваме и за тоа дали надлежните институции, како Државниот инспекторат за труд, треба да бидат построги кон работодавачите. На ова Димитров одговори дека поради ограничените капацитети, во најмала рака, инспекциките органи се „селективни“.

Контролите и почитувањето на работничките права се разликува и се‘ уште се разликува во однос на сектор, големина на компанија, регион и слично. Така, поголемите компании често беа на удар на инспекциските органи и детално се контролираа, додека помалите беа свесно привилегирани, иако се знаеше дека таму има поголеми прекршувања на работничките права. Истото се случуваше и во однос на секторите и регионите, посочи Димитров.

За да привлечат нови работници, некои компании им нудат бонуси во износ од 5 до 9 илјади на вработените кои ќе најдат луѓе за работа, а дел од компаниите поставуваат и билборди на улиците на кои ги огласуваат работните места.

Инаку, невработеноста пред десет години беше над 20 %, а денес таа изнесува 13,3 %.

Аудио верзија:

 [ai_playlist id=”284280″]

 

 

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk