Работничките права да се изучуваат уште во основно образование
Ако работите од 18 до 65 години, тоа значи дека 94.000 часа во животот сте ги потрошиле на работа. Огромна бројка, нели?
Овој податок ни покажува дека работата го зазема најголемиот дел од нашиот живот. Во тој случај нели би било добро да бидеме повеќе запознаени со сферата на трудот? Моето лично мислење е дека треба.
Затоа сметам дека работните односи треба да се воведат уште во основно образование. Наставниците децата уште од мали нозе да ги учат на основите на трудот, за со време да знаат за работнички права, па кога ќе дојде моментот да влезат на пазарот на труд да бидат колку – толку подготвени.
Јас колку што можам да се сетам, за првпат зборот синдикат го сретнав на факултет. Претходно никогаш не бев слушнал за тој него или за работнички права. Како и многу други, и јас неподготвен влегов на пазарот на труд и се „излизнав“ добро.
Не велам дека учењето за работничките права во потполност ќе ги заштити идните генерации, бидејќи за ништо на светов не постои гаранција, но друго е кога нивната свест веќе ќе биде крената околу тоа кои права им следуваат.
Ако ги земаме земјите во Европа кои имаат воведно некаква едукација повразна со работничките права, најмногу се издвојуваат Нордиските земји. Таму децата во основно образование учат за граѓанска одговорност, еднаквоста на работното место, демократско учество и улогата на синдикатите во креирањето на модерна социјална заштита.
Едукацијата е клучна на секое поле од животот, вклучувајќи ги и работните односи. Нам ни се потребни генерации кои ќе имаат развиена свест. Се разбира, покрај правата, треба да знаат и кои се обврските.
Во државаа имаме луѓе коишто се умешни да го приспособат ова на децата од основно образование.
Потребна е само волја да се направи тоа.

