ИНВЕСТИТОРИТЕ СЕ ОПУШТИЈА: Во третиот квартал отворени се 3.166 нови фирми – тоа е двојно повеќе од истиот период лани!

Во третиот квартал од годинава, односно во јуни, јули и во август, се отвориле 3.166 нови фирми, покажуваат податоците од платформата БизнисМрежа.мк. Ова е одличен показател за раст на инвестициската активност ако се земе предвид дека во целото прво полугодие од годинава се отворени 3.768 нови фирми, што покажува дека за три месеци се отвориле фирми колку за речиси шест месеци! Дека има значителен раст на инвестирање во нови компании покажува и податокот дека во истиот период лани (третиот квартал од годината), отворени се речиси двојно помалку фирми од сега, односно тогаш биле отворени само 1.664 компании.

Бројките укажуваат на поголемо охрабрување на инвеститорите да отворат фирма. Секако, пресудно за ваквиот тренд е тоа што во 2021 година вложувањата сѐ уште беа под силна неизвесност поради пандемијата. Годинава, и покрај енергетската криза и инфлаторните движења, по инвестицискиот застој, има значителен раст на интересот за отворање нови фирми.

Динамика на отворање фирми во 2021 година и во 2022 година

Период во кој се отвориле фирмите 2021 година 2022 година
Прво полугодие 3.785 3.768
Трет квартал 1.664 3.166
Вкупно за 9 месеци 5.449 6.934

 

СЕКОЈА ЧЕТВРТА НОВООТВОРЕНА ФИРМА Е ВО ТРГОВИЈАТА

Трговските фирми продолжуват да бидат најатрактивни за почнување нов бизнис. Ова го покажуваат и податоците од третиот квартал од годинава, а многу често ваков резултат се добиваше при анализата на новоотворените компании по дејност. Имено, податоците од БизнисМрежа.мк покажуваат дека во третиот квартал од годинава од 3.166 новоотворени компании, секоја четврта, односно 775 се од секторот Трговија на големо или мало.

На второ место е секторот Други услужни дејности, каде што се отвориле 395 компании, а на трето место е преработувачката индустрија, со 388 новоотворени фирми. Во градежништвото се отвориле 363 фирми, и тоа е четврта дејност по новоотворени фирми во третиот квартал. На петтото место се објекти за сместување и сервисни дејности со храна, каде има 271 нова фирма.

Инаку, истите овие 5 дејности биле и во ТОП 5 дејности во првото шестмесечие од годинава, со тоа што се изместил редоследот, но трговијата се задржала на прво место. Претходно, новоотворените фирми за хотелиерство и угостителство беа на второ место, а сега се на петто. Во третиот квартал, пак, се интензивирало отворањето фирми во преработувачка индустрија и тие скокнале на третото место на листата на новоотворени, додека претходно беа на петтото место. Во првото полугодие градежништвото беше на трето, а сега падна на четврто место.

ТОП 5 дејности со новоотворени фирми во трет квартал од 2022 година

Дејност Новоотворени фирми
Трговија на големо и мало 755
Други услужни дејности 395
Преработувачка индустрија 388
Градежништво 363
Објекти за сместување и сервисни дејности со храна 271

 

ВО КОИ ГРАДОВИ СЕ ОТВОРИЛЕ НАЈМНОГУ КОМПАНИИ?

Секако, во Скопје се отвориле најмногу компании и во третиот квартал од 2022 година ‒ 892. Потоа е Куманово со 198, па Тетово со 192, Струга со 191 и Гостивар со 150 новоотворени фирми. Во првите шест месеци на списокот на ТОП 5 градови во кои се отвораа фирми беше и Битола, но сега таа е на седмо место, а интересен податок е што и во Прилеп има доста отворања, па овој град во третиот квартал изби пред Битола, со отворени 145 нови фирми.

Топ 5 градови по отворени фирми во трет квартал од 2021 година

Градови Нови фирми
Скопје 892
Куманово 198
Тетово 192
Струга 191
Гостивар 150

 

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/investitorite-se-opushtija-vo-tretiot-kvartal-otvoreni-se-3166-firmi/