Индекс за глобални права: Македонија на листата со Буркина Фасо и Камерун, ситуацијата драстично се влошува
Македонија повторно се најде на листата на земји каде системски се прекршуваат работничките права, покажува Глобалниот индекс за работнички права за 2023 година на Светската конфедерација на синдикати- ИТУК.
Во Индексот земјите се поделени на рејтинзи од 1 до 5+ (во листата на земји со рејтинг 1 се земјите каде најмалку се прекршуваат работничките права, додека во листата со рејтинг 5+ се рангирани земјите каде што воопшто нема работнички права). Македонија е оценета со рејтинг 4 и е на листата каде се ставени земјите во кои има системско прекршување на работничките права. Тоа значи дека самиот државен систем ги прекршува истите. Она што дополнително треба да се посочи е дека Македонија е оценета како земја каде состојбата се влошува.
Од регионот на истата листа покрај Македонија се Србија, Грција и Романија. Интересно е што на листата се наѓаат Соединетите Американски Држави и Велика Британија. Инаку, најголемиот дел од државите се од Азија и Африка. Меѓу другите, на листата се: Ботцвана, Камерун, Чад, Саудиска Арабија, Буркина Фасо, Етиопија…

Светската конфедерација на синдикати нагласува дека во Македонија, Холандија, Црна Гора и Србија значително се прекршува правото на колективно преговарање.
„Компаниите одбивале да ги почитуваат колективните договори, ги спречувале етаблираните синдикати да си ја вршат работата и во многу случаи преговарале со т.н. „жолти синдикати“, честопати создадени од работодавачите за да ги одминат вистинските преговори со репрезентативните синдикати. Правата на колективно преговарање на работниците во Холандија, Македонија, Црна Гора и Србија биле значително намалени“, констатира Извештајот за глобални права на ИТУК.

