ИНТЕРВЈУ Ампева: Работници нема, да видиме сега кој ќе шие за странците?!

Бобан Илијевски

Текстилната индустрија се соочува со недостиг на работна сила, а работна сила речиси и да нема. Дел поради тоа што се иселени од државата, а дел се‘ уште примаат финансиска помош од Агенцијата за вработување. Ова го вели Претседателката на Здружението за заштита на работнички права „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева, со која напраивме едно кратко интервју за неколку актуелни теми.

Со Ампева позборувавме и за јазот во платите помеѓу мажите и жените и законските измени со кои се бара платата на работниците да се исплати најдоцна до петти во месецот, како и да се намалат договорите на определено работно време од 5 години на 6 месеци.

Во прилог целосното интервју: 

РАБОТНИК: Според истражувањето на невладината организација Реактор, јазот во платите помеѓу мажите и жените изнесува 19%. Што според Вас е потребно за да се намали овој јаз?

АМПЕВА: Јазот во платите помеѓу мажите и жените постои секаде низ светот со исклучок на некои развиени и свесни земји, но ко по обичај, во Македонија и општо во земјите на Западен Балкан, јазот во плати кај мажите и жените е особено видлив и е особено проблематичен. Ние имаме ратификувани Конвенции на МОТ кои се наменети за спречување и намалување на родовиот јаз во плати. Ние имаме Устав и Закон за работни односи, и Закон за еднакви можности, и локални комисии за еднакви можности. Најново, Закон за заштита и спречување од дискриминација и нова Комисија за заштита и спречување од дискриминација (која за краток период покажа како може, ако се сака, да се работи за заштита од дискриминација).

Значи мртво слово на хартија имаме кое никако да почне да функционира. Што е потребно? Потребна е имплементација на законите, на колективните, поголема сензитивност на институциите, пред се, кампањи кај населението за да биде посвесно за овој проблем кој и те како е присутен. Ако сум жена, не значи дека за истата работа треба да сум помалку платена од мојот колега кој е маж. Едноставно е.

Сепак колегите и колешките од Реактор направија предобар извештај преку регионален проект во кој бевме вклучени и поддржани и ние како Гласен Текстилец, па секако земени се во предвид нашата работа, истражувања, примери, сведоштва како локална граѓанска организација. Има соодветни препораки и забелешки во извештајот, па не мора никој да измислува топла вода, туку да се прочита тој извештај и тие препораки. И секако да се имплементираат законите, ништо повеќе.

РАБОТНИК: Како гледате на тоа што работодавачите од текстилната индустрија се соочуваат со недостиг на работници, со оглед на тоа дека вие како здружение предвидувавте дека ќе дојде ова.

АМПЕВА: Ништо чудно нели? Не е дека не кажавме, дека не алармиравме. Тие откази добар дел и незаконски (кои сега ги докажуваме преку судски постапки), кажавме дека нема да донесат ништо добро и ќе се вратат како бумеранг. Еве после година дена од тоа свирепо откажување на договори, затварање на фирми и отворање на нови во ист објект, не исплаќање на плати, додатоци, надоместоци, придонеси, сега имаме лелекање од страна на одредени работодавачи. Пазете, имавме и државна помош и злоупотребени народни пари преку сетовите на економски мерки во корона кризата, уште немаме разрешница од тоа, и пак само во период од 7 месеци во 2020 година, имаше 7000 работници само од текстилната индустрија кои останаа на улица. Сега се зголемени нарачките, дојдени се нови брендови на македонскиот пазар, ама џабе е веќе. Работниците ги нема. Се иселија, отидоа во пензија, дел се‘ уште земаат мерки од Агенцијата за вработување, дел се под системот на гарантирана минимална помош преку центрите за социјална работа, дел сменија други работни места. Сега да видиме кој ќе шие за странците.

РАБОТНИК: Кој е Вашиот став за плата да се исплаќа во петти во месецот и да се намалат договорите на определено време од 5 години на 6 месеци?

АМПЕВА: Исплата на плата до 5ти во месец ми е чиста глупост и небулоза. Зошто? Објавив и на мојот фб профил. Еве овде го копирам.

За некои што се прават паметни по медиумите, да разјаснам нешто што се случуваше додека јас како претставник на здружение за заштита на работнички права бев вклучена во работна група на Законот за работни односи, а која група не знам дали уште функционира или не сме повикани оти веќе не им одговараме, не знам. Но некои работи беа договорени а кои се во корист на работниците.

Како прво, невозможна е исплата на плата до 5ти во месец, а и не знам која е идејата на вакво барање. Административно е невозможно, особено за малите, микро и средни претпријатија, да се исплати плата и се соберат боледувања, изостаноци, придонеси, систем на УЈП до 5ти. Небулоза е. Наместо да се бара редовна исплата до 15ти и строги казни, подобрен систем на исплата, некои измислуваат топла вода.

Второ и уште побитно. Во врска со договорите на определено време. Работодавачите бараа до 3 години, наместо во моменталниот закон каде стои 5 години стаж, па тек после тоа трансформација на договор на неопределено. Ние како Здружение баравме 6 месеци, за да наидеме на компромис на 1 година. Дали некои купуваат поени, не знам. Ама без веза им се изјавите.

ПРВОТО Е ОБИЧНА ГЛУПОСТ, А ВТОРОТО Е ВЕЌЕ ДОГОВОРЕНО ЗА НОВИОТ ЗАКОН ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ. ПОДОБРО ПРАШАЊЕ Е, ДО КАДЕ НИ Е ЗАКОНОТ И ЗОШТО НЕМА СОСТАНОЦИ НА РАБОТНАТА ГРУПА? ИЛИ ПАК СМЕ ИСФРЛЕНИ, А НЕ НИ ЗНАЕМЕ?

РАБОТНИК: Каква е ситуацијата со прекршувањето на работничките права во овој период?

АМПЕВА: Затишје има моментално. Она што го правиме периодов се будно следење и административни подготовки за судски постапки. Судски мониторинг за откази, обвинение за лажен стечај, кривични постапки но и побарувања од работен однос. Поради ситуацијата со корона вирусот, бавно одеа судските рочишта, па еве периодов се е започнато а ние мораме да сме во дослух со адвокатите со кои соработуваме, со работниците кои ги покренаа постапките и бидеме присутни во суд. Чекаме исто да видиме како ќе тече исплатата на новото зголемување на минималната плата за месец март, па секако ако има некои неправилности, ќе ја известиме јавноста, вас како медиуми и институциите.