Останато

Интервју | Андреева: Апсолутно сметам дека може да се воведе систем во УЈП кој ќе спречи исплаќање на плата под минималната

Разговараше: Бобан Илијевски

За сметководствената професија, предизвиците и препреките со коишто се соочува, теориите од светските експерти од областа на пазарот на труд дека на сметководството му се заканува исчезнување, како и за тоа дали може да се воспостави систем во Управата за јавни приходи кои нема да дозволува да се исплаќа плата под минималната, разговараме со Александра Андреева, менаџер на сметководственото биро „Андреева Консалтинг“ и член на Управниот одбор на Комората на сметководители.

Андреева, како долгогодишен сметководител, во текот на интервјуто зборува и за тоа дали може на вработените платата да им се исплати до 5-ти во месецот, наместо до 15-ти, како што впрочем е сега.

Во прилог целосното интервју:

Работник: Што значи да се биде сметководител во Македонија? Кои се предизвиците и препреките?

Андреева: Првата асоцијација која ми дојде на памет кога го прочитав прашањето беше – рокови. За жал да се биде сметководител во Македонија значи постојано да се бркаш со рокови, стари или ново наметнати, дење или ноќе, во работен ден или за празник и/или викенд, а притоа и да се бориш со нефункционални системи и институции без слух. Оттука всушност и произлегуваат предизвиците и препреките на сметководителите, бидејќи години наназад се соочуваме со исти проблеми постојано, но ништо суштински не се менува. Барем не на добро. Познавајќи ја професијата која секаде во светот е многу вреднувана, и колегите кои навистина го сакаат она што го работат, штета е што кај нас сметководителите се постојано потиснувани, недоволно вреднувани, а дигнитетот на професијата доведен во прашање со континуирано наметнување на нови обврски без никакви права.

Работник: Во една прилика рековте дека старосната структура е проблем за сметководствената професија и дека истиот овој проблем Македонија ќе го почувствува за неколку години. Што треба да се направи за да професијата сметководител стане поатрактивна за младите?

Андреева: Токму така. Последните официјални податоци пред околу 4 години говореа дека 70% од сметководителите се на возраст од над 55 години, а уште по фрапантен податок е дека само 890 се млади под 35 години. Со вакви бројки државата ја очекува сериозен проблем за неколку години, бидејќи сметководителите се единствена врска помеѓу државата и стопанството, каде уште сега се чувствува недостигот. Доколку сакаме да избегнеме ескалација на проблемот сериозно мора да се посветиме на тоа истата да ја направиме атрактивна за младите, преку унапредување и осовременување на образовниот процес, обезбедување на права, заштита од нелојална конкуренција, правично вреднување на трудот, но и нешто е многу значајно, обезбедување на услови за меѓународно признати уверенија и отворање можности за аутсорсинг на нашите услуги. Но, за ова да се случи најпрво мора институциите да ја препознаат нашата значајност и да го слушнат гласот на фелата, а не на поединци за задоволување на лични интереси.

Работник: Некои од светските експерти од областа на пазарот на трудот велат дека ѝ се заканува исчезнување на оваа професија во иднина. Што велите Вие за ова предвидување?

Андреева: Ова најчесто се поврзува со развојот на технологијата која би го заменила човечкиот фактор. Меѓутоа, во однос на сметководствената професија овој факт единствено може да влијае позитивно. Односно технологијата да ги олесни техничките повторувачки дејствија кои сметководителите ги извршуваат (изработка на документација, внесување и евидентирање) преку нивна автоматизација, но на крајот повторно ќе биде потребен сметководителот кој тие податоци и извештаи ќе ги анализира и толкува. Побарувачката за сметководители е тесно поврзана со развојот на економијата, па така според некои истражувања се смета дека истата ќе порасне за 4% во периодот од 2019 до 2029 година, согласно растот на светската економија. Единствениот ризик од исчезнување кој го има сметководствената професија, конкретно во Македонија, се поврзува со одговорите на претходните прашања, во однос на игнорантскиот однос на институциите и неатрактивноста за влез на млади кадри.

Работник: Една од должноста на сметководителите е и да се грижат за уплата на платите од компаниите на работниците, па би сакал да Ве прашам, дали е можно платите на работниците да се исплатат до 5 –ти во месецот наместо до 15 –ти? Доколку не, зошто?

Андреева: Дефинитивно не. Кај микро и малите компании, каде што промените кај вработените се предвидливи би можело да се изготви и исплати декларацијата за плата до 5ти во месецот, меѓутоа генерално гледано на ниво на стопанство ова не може да се спроведе. Една причина за тоа се лицата на боледување и доставата на соодветната документација до службите, каде најчесто подразбира прво достава до човечки ресурси, па потоа интерна достава до сметководство кои потоа треба да ја изработат платата. Тука е и системот на Управата за јавни приходи, каде неретко се случува застој во обработката, или пак одбиена декларација на која треба да се изврши некоја корекција, системски неспроведена пријава/одјава помеѓу АВРМ и УЈП која треба рачно да ја внесе службено лице од УЈП итн. Дополнително, законот дозволува прекин на работен однос и одјава на лице ретроактивно до седум дена, односно на 7ми во тековниот месец, лицето може да се одјави со 30ти, на 6ти со 29ти, на 5ти со 28ми и така натаму, што повторно ја оневозможува пресметката и исплатата на плата заклучно со 5ти поради можност за дополнителни промени кај вработените и после овој датум.

Работник: Според Вас, дали може да се воспостави некаков систем во УЈП којшто би можел да не дозволува да помине плата помала од минималната, со оглед на тоа дека праксата покажува оти има случаи каде на работници им се пуштаат и по 2,100 или 1,000 денари?  

Андреева: Во ова современо време, каде што постојат напредни софтвери за секаква намена и со секакви можности, апсолутно мислам дека и со системот на УЈП истото може да се направи за да се спречат ваквите појави, каде што полето за ефективна нето плата за исплата нема да смее да биде под законскиот минимум врз основа на пресметаната плата. Меѓутоа, за ова прашање би било подобро да се произнесе самата УЈП во однос на расположливите човечки ресурси и технички можности на постоечкиот софтвер, но и да се преземат потребни дејствија за истото да се овозможи и направи.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk