ИНТЕРВЈУ Андриќ: Голема корист за сезонските работници од Македонија е што Колективниот договор се однесува на сите вработени во угостителството и туризмот

Една голема корист за работниците е што тој Колективен договор се однесува на сите вработени во угостителството и туризмот. Ние со вршење на притисок врз Министерството за труд, Колективниот договор го проширивме да важи за сите правни субјекти во оваа дејност, што значи дека ако наш член оди да работи кај некој приватник, а таму нема други членови на синдикатот, тој како наш член мора да ги има правата коишто произлегуваат од Колективниот договор, рече Андриќ. 


Ексклузивно интервју на порталот Работник со Претседателот на Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска, Едуард Андриќ, во кое тој зборува за сезонските работници, притоа осврнувајќи на се на тоа колку работници недостасуваат во туристичко – угостителскиот сектор во Хрватска, како и за тоа кои се придобивките од членувањето во синдикат.

Разговараше: Бобан Илијевски

Работник: Едно од најчестите прашања кои ги поставуваат работниците е каква придобивка имаат од синдикатот. Кој е Вашиот одговор на ова прашање?

Г-дин Андриќ: Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска години наназад склучува колективни договори на ниво на гранка, во угостителскиот сектор и во тој колективен договор ние имаме права кои не се загарантирани со Законот за работни односи, така што тие права коишто се во колективниот договор се однесуваат и на луѓето од Македонија кои доаѓаат тука да работат. Ние имаме нешто што поголемиот дел од дејностите повеќе го немаат, а тоа е 0,5 % на годините на стаж (основната плата се зголемува за 0,5 % со секоја навршена година стаж), додаток кој го договоривме за работа во смени, ноќна работа, работа за време на празник итн. Тука има и одредба која вели дека доколку се случи работникот да оди на боледување, по 90 дена од боледувањето, работодавачот мора да му даде солидарна помош. Тука се и можностите за стимулации и награди коишто ние ги договараме преку Спогодба во тек на сезоната со работодавачите. Во Договорот има и одредба за трошок за превоз, која практично не е регулиран во Законот. 

Имаме работодавачи коишто не ги исполнувале условите на нив да се однесува Колективниот договор и истите не го исполнувале ова што го реков и не ги исплаќале додатоците предвидени со договорот. Една голема корист за работниците е што тој Колективен договор се однесува на сите вработени во угостителството и туризмот. Ние со вршење на притисок врз Министерството за труд, Колективниот договор го проширивме да важи за сите правни субјекти во оваа дејност, што значи дека ако наш член оди да работи кај некој приватник, а таму нема други членови на синдикатот, тој како наш член мора да ги има правата коишто произлегуваат од Колективниот договор. Значи, имаат една сигурност дека сите тие надоместоци ќе им бидат исплатени. И нормално, доколку се случи некој спор ние имаме мрежа на правници низ цела Хрватска на кои работниците можат да се обратат и кои ќе им бидат на услуга за да им помогнат во решавањето на проблемите. 

Работник: Неодамна склучивте Меморандум за соработка со Синдикатот за угостителство и туризам на Македонија. Што предвидува Меморандумот?

Г-дин Андриќ: Меморандумот практично е резултат на заеднички интерес на нашиот синдикат во Хрватска и синдикатот во Македонија, за работниците коишто доаѓаат во Хрватска каде недостига работна сила да бидат упатени во оние хотели и угостителски објекти каде што ние имаме членови и со кои имаме склучено Колективни договори и за да однапред ги знаат своите права. Во случај на прекршување на нивните права во тие хотели и објекти можат да се обратат до Синдикатот за туризам и услуги на Хрватска за да ние им помогнеме во решавањето на било какви проблеми. Ние со тој Меморандум предвидовме токму работниците коишто ќе дојдат од Македонија да бидат заштитени, на тој начин што на нив ќе се однесуваат сите права од Колективните договори коишто ние ги имаме склучено за нашите членови и за да преку нашите правници, преку мене и контактирање со работодавачите, им пружиме помош. Освен тие права, им стоиме на услуга на членовите од Македонија за кое било прашање за кое можеме да им помогнеме додека се на работа во Хрватска. Меморандумот предвидува тие членови на синдикатот во Македонија, додека работат во Хрватска, да бидат и наши членови за да на тој начин можеме да им дадеме бесплатна правна помош и се останато што им е потребно. 

Исто така, тие луѓе низ работата во Хрватска и хрватскиот туризам стекнуваат искуство кое може да им помогне, доколку размислуваат за тоа, по неколку сезони во Хрватска и по стекнувањето на искуството, да побараат работа некаде во Европа. Тогаш искуството во Хрватска ќе им помогне да се вработат кај тие работодавачи. Ние сме свесни за тоа дека нашите работници бараат вработување вон Хрватска (од Австрија, преку Германија и Ирска) каде платите се поквалитетни од тие во Хрватска, но свесни сме и за тоа дека така ќе размислуваат и луѓето кои доаѓаат од Македонија. 

Ние постојано се бориме да ги зголемиме платите во Хрватска и успеаваме тоа да го направиме во оваа сезона, а тие се однесуваат и на луѓето кои доаѓаат тука да работат, но свесни сме дека тие плати се‘ уште не се конкурентни со платите во други туристички земји во Европа. 

Работник: Имате ли сознанија колку сезонски работници има во Хрватска во овој период и колку од нив се од Македонија? 

Г-дин Андриќ: Тешко е да се даде точен одговор на ова прашање, со оглед на тоа дека не знаеме колку луѓе отишле од Македонија кои не се преку нас. Јас пред некој ден бев во еден хотел, каде работодавачот ми рече дека има одреден број работници од Македонија, меѓутоа тоа се работници кои не се дојдени преку синдикатот. Врз основа на тие разговори, мојата процена е дека во овој момент во Хрватска има некаде околу 700 – 800 работници од Македонија во нашите хотели. Зборувам само во хотелите. 

Работник: Хрватска, како и Македонија се соочува со голем недостиг на работна сила во туристичко- угостителскиот сектор, па оттаму би Ве прашал кои професии се соочуваат со најголем недостиг?

Г-дин Андриќ: Нас најмногу ни недостигаат помошни работници. Значи се работи за бел персонал – собарки, хигиеничарки, помошни работници за во кујна, но недостигаат и одреден број на готвачи и келнери. Она што е проблем е што работодавачите очекуваат келнерите кои имаат контакт со гости да го познаваат хрватскиот и англискиот јазик. Хрватскиот поради тоа што на тој начин ќе имаат полесна комуникација со останатиот персонал и нема да дојде до грешка при нарачување на јадење во кујна, а англискиот за да може да комуницираат со поголемиот дел од гостите кои повеќе или помалку знаат англиски јазик. Уште една причина поради којашто недостигаат помошни работници е тоа што ние во Хрватска имаме доста приватни апартмани покрај брегот на Јадранското море и оние коишто ги изнајмуваат апартманите практично и плаќаат на жените коишто сакаат да работат кај нив и да ги одржуваат истите, често им даваат поголеми плати отколку работодавачите во хотелите. Тогаш жените кои би можеле да работат во хотели заминуваат да работат кај приватници, така што тоа ни го носи тој недостиг на работници и за жал, во овој момент, за што зборував и неодамна во нашите медиуми, нас ќе ни недостасуваат преку 10,000 работници. По таквата ситуација, се случува, луѓето коишто се вработени во овој момент да имаат поголем обем на работа. Поради тоа имаме и поплаки од страна на работниците. Се случува тие да немаат слободен ден, да периодот помеѓу две смени биде краток, наместо 12 часа, колку што предвидува Законот, да останат до еден часот по полноќ, па во 7 наутро да мораат да дојдат на работа. 

Она што е добро за македонските работници, а тоа го практикуваат работодавачите и со домашната работна сила, е што настојуваат увезените работници да ги имаат тие права. 

Работник: Сведоци сме на тоа дека има многу огласи во Хрватска, во туристичко – угостителскиот сектор каде што се нудат огромни суми на плати кои изнесуваат и над 3,000 евра. Колку според Вас овие огласи се реални?

Г-дин Андриќ: Не се реални. Ние такви плати имаме исклучително за оние врвни готвачи кои бараат толкава плата и не сакаат да работат за помалку од тоа. Се случува нешто што не е добро ниту за Хрватска, ниту пак за другите земји, а тоа е работодавачите – приватници да им понудат поголема плата на поединечна категорија работници, притоа да им не исплаќаат придонеси, туку едноставно се договараат да ги осигураат до 600 евра, а останатите пари до 1,000 евра да им ги дадат „под маса“, односно на црно. Тоа е нешто против кое ние се бориме. Хрватска воведе мерка работодавачите да можат годишно да даваат значен износ преку награди и стимулации кои не подлежат на оданочување. Тоа не е лошо за кога ќе има лоши месеци или сезони, па работодавачите да им дадат околу 270 евра за стимулација, меѓутоа не е добро што за таа стимулација не се плаќаат придонеси и даноци, поради тоа што хрватските работници кога ќе излезат во пензија практично ќе бидат оштетени, бидејќи тоа нема да влезе во пресметките за пензиите. 

Работник: Колку изнесуваат реалните плати во туристичко – угостителскиот сектор во Хрватска? 

Г-дин Андриќ: Келнерите ја држат златната средина во туристичко – угостителскиот сектор, и тие земаат некаде 900 евра, па до некои 1,063 евра, што е некоја просечна плата во Хрватска. Помошната работна сила како што се собарките, хигиеничарите и помошните работници во кујните земаат плата некаде од 664 евра. Работодавачите даваат и некои бенефиции во текот на сезоната, но и тоа зависи од нив, некаде даваат, а некаде не. Ние тоа се обидуваме да го решиме со Спогодба со работодавачите, особено за јули и август, кога и најмногу се бараат работници. Значи, тогаш да им се дадат тие стимулации на вработените. 

Работник: Со кои други проблеми се соочуваа/ат сезонските работници во Хрватска?

Г-дин Андриќ: Проблем имаше со сместувањето на работниците, со храната и квалитетот на истата, плаќање на патот до работа и назад до местото каде што се сместени. Сите овие се работи кои ние како синдикат веќе со години настојуваме да ги договориме на ниво на цела Хрватска – за да луѓето првенствено добијат квалитетно сместување. Инаку, голем дел од хотелите изградија посебни објекти каде што сезонските работници се сместуваат. Помалку и повеќе, речиси сите им даваат три оброци дневно, и нормално им ги плаќаат трошоците за пат. Настојуваме и на нашите членови да им предочиме дека тоа се нивни колеги за да колку што можат да им помогнат. Знаете, имаме ситуации кога ќе дојдат да се пожалат дека нема плата или дека немаат пари да купат патики или некој друг дел од облеката, па нашите луѓе им даваат помош. Помагаат и кога има проблем со сместувањето и превозот. Имав една ситуација во Сплит каде што дојдоа луѓе од Македонија кои беа заинтересирани да работат. Тие не го знаеја градот, па им помогнавме да се снајдат. 

Работник: Што би ги советувале македонските работници при пронаоѓање на работа во Хрватска? На што треба најмногу да внимаваат?

Г-дин Андриќ: Има наши работодавачи коишто преку агенции бараат работници, но се покажа дека тие агенции договараат една плата со луѓето, а на крај таа плата не е ставена на хартија и тие земаат далеку пониска плата и работат во многу полоши услови од тие коишто им ги презентираат агенциите. Со оглед на тоа дека нашиот синдикат  ги познава и работодавачите и приликите во компаниите и сето тоа што ќе го добијат од нив, од материјални права до сместување и останато, јас им препорачувам да ја искористат оваа соработка со македонскиот синдикат и да дојдат во Хрватска. На тој начин ќе бидат сигурни дека ќе дојдат на работно место од кое ќе бидат задоволни. Не е лесно сам човек да најде работа и не е лесно да се гарантира она што го презентира работодавачот. Јас навистина ги советувам да се обидат преку нас. Доколку не одат преку нас, важно е од работодавачите да побараат на хартија да го стават договореното, бидејќи во спротивно е тешко да го побараат она што нема да го добијат доколку тоа не утврдено со некој договор.  

Фото: Vojko Bašić/Cropix/Slobodna Dalmacija