- Advertisement -
ЕкономијаИнтервјуаМакедонијаСветот на работникот

(ИНТЕРВЈУ) Доколку работодавачите сакаат да го намалат бројот на работници, младите се први на удар

Деспина Туманоска - Работник
554views

Ако зборуваме за работниците што се најпогодени од кризата, досегашните анализи говорат дека жените, младите, неформалните работници и самовработените се едни од најпогодените категории. Жените, затоа што речиси 80% од вработените што се во првите борбени редови со пандемијата (медицински лица, фармацевти, продавачи и сл.) се жени, како и затоа што товарот од наметнатото седење дома, а во врска со одржувањето на домаќинството, грижата за деца и помошта во учењето, падна главно врз нив. Младите, затоа што најчесто имаат привремен договор за вработување, па на работодавачите што имаат потреба од намалување на бројот на вработени, им е полесно да ги отпуштат нив, наместо оние со договор на неопределено време. Неформалните работници и самовработените, затоа што 30.000 неформални работници и 26.000 самовработени работат во најпогодените сектори. вели Деспина Туманоска, економски експерт од Институтот за економски истражувања и политики – Finance Think.

Работник: Како пандемијата предизвикана од вирусот Ковид- 19 се одрази врз пазарот на трудот во 2020 година? Кои се Вашите проекции за состојбата на пазарот на трудот во 2021 година, со оглед на тоа дека пандемијата остави доста економски последици врз истиот?

Advertisement

Туманоска: Има неколку карактеристични движења предизвикани од коронакризата врз пазарот на трудот. Кризата изврши притисок врз работните места и секако дел од нив беа изгубени. Според податоците од ДЗС, околу 25 илјади работни места биле изгубени меѓу крајот на првиот и крајот на третиот квартал од 2020 година. Но, тоа не се рефлектираше врз стапката на невработеност, односно таа остана скоро иста, а во апсолутна бројка контингентот на невработени и благо се намали. Оваа навидум чудна ситуација се објаснува со фактот што во набљудуваниот период имаме интензивно деактивирање на работната сила, односно разочарување од општата состојба предизвикана од пандемијата и престанување на активното барање работа. Оттука, овие лица ги нема во „вработени“, но ги нема и во „невработени“, а се појавуваат во категоријата „неактивни“, чиј процент порасна од  51.9% на 53.4%. Според нашите прелиминарни анализи, деактивирање имало и меѓу вработените и меѓу невработените, но оние кои се разочарувале (категоријата обесхрабрен работник) се почести меѓу вработените кои изгубиле работа, додека меѓу невработените кои престанале да бараат работа, интересно, најчестата наведена причина е поради инфекцијата со вирусот или други здравствени причини.

Ако зборуваме за работниците што се најпогодени од кризата, досегашните анализи говорат дека жените, младите, неформалните работници и самовработените се едни од најпогодените категории. Жените, затоа што речиси 80% од вработените што се во првите борбени редови со пандемијата (медицински лица, фармацевти, продавачи и сл.) се жени, како и затоа што товарот од наметнатото седење дома, а во врска со одржувањето на домаќинството, грижата за деца и помошта во учењето, падна главно врз нив. Младите, затоа што најчесто имаат привремен договор за вработување, па на работодавачите што имаат потреба од намалување на бројот на вработени, им е полесно да ги отпуштат нив, наместо оние со договор на неопределено време. Неформалните работници и самовработените, затоа што 30.000 неформални работници и 26.000 самовработени работат во најпогодените сектори.

Advertisement

Во поглед на нашите проекции за 2021, можам да кажам дека нашата работа и залагање во поглед на пазарот на труд е на два фронта. Едниот фронт се однесува на владината мерка за доделување субвенција од 14.500 денари по работник во најпогодените сектори. Finance Think беше прв што предложи редизајн на мерката во септември 2020, кој владата го прифати во голема мера, а кој предвидуваше дека помош треба да има, но само таму кадешто е потребна, со цел општеството да не генерира загуби (односно помош да добива и оној кој реално не му е потребна). Со нашата проекција тогаш предвидовме дека ќе се опфатат околу 68 илјади работници и ќе се трошат месечно во просек 16.6 милиони евра. Последниот податок кој УЈП го објави на 2 јануари 2021 говори дека биле поддржани нешто над 65 илјади работници и биле потрошени 16.7 милиони евра. Значи, во таа смисла, оваа мерка врши позитивна работа и неа може да и се препише во голем дел заслугата што нема огромен број нови невработени или затворања на работни места. Пред некој ден извршивме понатамошни пресметки и сугериравме мерката да продолжи и во првиот квартал од 2021, без значајни промени во дизајнот и нашта проекција е дека ќе се потрошат околу 50 милиони евра за таа намена.

Другиот фронт се однесува на активацијата на лицата кои изгубиле надеж дека ќе се вработат или кои не бараат работа од други причини. Сметаме дека моментално деактивацијата е пренагласена, и нејзиниот интензитет ќе се намали сам од себе, како што пандемијата ќе се разрешува со вакцинирањето. Меѓутоа, истовремено сакам да укажам дека активирањето на пасивно население на пазар на труд е многу поскапо од создавањето работно место, особено меѓу одредени категории граѓани, главно повозрасните и жените. Оттука, нашата препорака е дека динамиката на овој проблем мора тесно да се следи, врз него да се стави еднаков фокус како и врз невработеноста и да се размисли дали одредени програми, како активните програми за вработување, бараат некаква модификација со цел да биддат поефективни во оваа новонастаната ситуација.

Фото: Pexels/Fox

Работник: Кои се Вашите очекувања околу отпуштањето на работници во 2021 година. Дали ќе има зголемување или пак намалување?

Туманоска: Движењето на вработеноста директно ќе зависи од развојот на ситуацијата со пандемијата. Нашето очекување беше дека состојбата ќе се стабилизира во вториот квартал годинава, ако и само ако се отпочне со процесот на вакцинирање рано. Во моментов, последната информација е дека тој процес ќе отпочне во февруари, но генерално нашето разбирање е дека колективниот имунитет (движен од вакцината и од прележаните) би се постигнал најрано до крајот на годината. Оттука, состојбата на пазарот на труд годинава веројатно ќе се стабилизира, меѓутоа притисоците кои ги опишав во претходното прашање ќе постојат и понатаму. Посебно во првиов квартал, очекуваме дека вработеноста и понатаму ќе биде во надолен тренд, поради што и препорачавме мерката 14.500 денари по вработен да продолжи.

Работник: Што според Вас, би требало да се преземе за да се помогне во заздравувањето на најпогодените сектори?

Туманоска: Во моментов очигледно сеуште не се наоѓаме во фазата на заздравување и затоа мерките за коишто зборуваме, особено мерката 14.500 денари по вработен, е сеуште од социјален карактер. Како што пандемијата се движи кон некаква разрешница, социјалниот карактер на мерките треба да се намалува, но за сметка на тоа ќе бидат потребни мерки со развоен карактер. Притоа, важно е да се идентификуваат пунктови во економијата кои може да го извлечат растот напред побрзо и на нив да се интервенира. Таквите мерки секако не треба да ги заобиколат и секторите кои беа најпогодени – угостителството, транспортот, рекреацијата и некои гранки од преработувачката индустрија. Важно е тие да бидат помогнати и во фазата на закрепнување, но да се води сметка да генерираат некои позитивни исходи, како на пример, зголемување на вработеноста. Дел од мерките кои се спроведуваат како бескаматни кредити, поволни кредити, кредити со грант компонента, имаат голем потенцијал да го помогнат таквото закрепнување.

Работник: Пакет мерките на Владата до некаде му помогнаа на приватниот сектор. Според Вас, уште колку време компаниите ќе треба да се потпираат на владините мерки и дали постои начин тие самите да се обидат да „заздрават“?

Туманоска: Како што споменав и погоре, мерките во вакви историски-невидени времиња се многу важни. Во јавноста се отвораат прашања за нивното чинење и како тоа влијае на јавниот долг. Но, во ваква „катастрофа“ од невидени размери имате две опции, да најдете (позајмите) пари и да помагате за да ги намалите штетите, или да оставите се да отиде „по вода“. Сите влади во светот, нормално, тргнаа по првата патека, која е исправна. Вашето прашање е кога ќе треба државата да се повлече и да препушти на пазарните сили. Би рекла кога економијата и фирмите ќе се наоѓаат на пред-пандемиското ниво, што не е во овој момент. Тогаш, не треба да бидеме загрижени ако некоја фирма пропадне, а треба да бидеме загрижени ако долгот неконтролирано расте. Во моментов, ситуацијата е обратна и ќе потрае како таква уште некое време. Но, она што е поважно во моментов е кога треба да направиме посилна транзиција од социјални кон развојни мерки. Ставот на Finance Think е дека тоа треба да се случи веќе наскоро, односно во првите месеци по отпочнувањето на вакцинацијата.

Бобан Илијевски

Advertisement