ИнтервјуаНовости

ИНТЕРВЈУ | Маџовски од jobs.com.mk: Како што компаниите бараат уредно CV, така и барателите на работа бараат да го видат износот на платата во огласот

   Време за читање 5 минути

Ексклузивно интервју со Дарко Маџовски, сопственик на порталот за огласи за работа https://jobs.com.mk/. Со него зборуваме за повеќе теми кои се однесуваат на барателите на работа и работодавачите.

Раскажете ни го накратко вашето CV?

Работам од свои 16 години. Како дете од работничка фамилија сум воспитан да знам да заработувам и да придонесувам во буџетот на семејството додека инвестицијата во лична едукација е процес во кој континуирано вложувам. Најдолгото работно искуство ми е во странска компанија од аутомотив индустријата. По пример на членови од нашата фамилија, искусни во работењето со услугите на пазарот на труд 15 години секојдневно бев сведок и на работењето и развивањето на оваа гранка – човечките ресурси. Оттаму е и желбата поактивно да се вклучам на пазарот со понуда од https://jobs.com.mk/.

Што Вашата платформа за огласи за работа им нуди на барателите на работа, а што на работодавачите?

На барателите на работа им гарантираме еднаков третман, им нудиме реален приказ на актуелната потреба на пазарот на труд. Нив и ги охрабруваме заедно да ги рушиме предрасудите, пред сѐ од морален аспект, и премногу свесни дека во нашата држава за жал сѐ уште живее синдромот “ДА ИМАШ ЧОВЕК ЗА ТОА И ТОА“ што создава недоверба најмногу кај најмладите џен зи (генерација зет, Gen Z), родени во периодот од втората половина на деведесеттите до 2010 год. Секоја генерација има свои посебни карактеристики, потреби и барања, и секоја генерација кога „стапила на сцена“ донела промени во секој домен во општеството. Клучно е таа да се интегрира во работната средина и да создаде чувство на припадност каде сите се чувствуваат ценети и ангажирани. Барателите на работа преку https://jobs.com.mk/ имаат можност да следат актуелни потреби за вработување преку огласите за работа доверени од наши клиенти компании.

Им нудиме и целосно бесплатен третман и советување во процесот на барање на работа. Од подготовка на CV до советување за напредок во кариерата.

На компаниите им нудиме медиумски простор да ја објават својата потреба од работници, можност да направат избор за да ги пополнат отворените работни позиции и најважно да бидат конкурентни на пазарот на труд.

Она што најмногу ги интересира барателите на работа е износот на платата во дадениот оглас. Како човек кој се занимава со огласување на работни места, колку е важно компанијата да ја има наведено платата или опсегот на плати за работната позиција која ја огласува?

Најважно е што преку советување успеваме да ги едуцираме и едните и другите. Поточно да ја дадеме вистинската слика на понудата и побарувачката. Па така доколку компанијата ни ја даде довербата за соработка веќе сме еден чекор напред од чекорите за избор и селекција на вработените. Како што компаниите сакаат и очекуваат да добијат информации за побарувачката преку уредно CV што кандидатот нуди од себе така и барателите на работа очекуваат и ќе очекуваат оглас со понуда за условите за работа вклучувајќи ја платата.

Дали вие како платформа имате право да им наложите на работодавачите да ја објават платата или тоа останува во нивна дискреција?

Дејноста на нашето работење не подлежи и не е обврзана со законска регулатива така што не можеме да им наложиме да ја објават сумата на плата. Ги советуваме да ја објават врз основа на аналитики кои ги имаме за тоа кој оглас е повеќе посетуван, тој што има или тој што нема информации за платата. Компаниите што ја споделуваат платата имаат апсолутна предност.

На што би им препорачале на кандидатите за работа да обрнат најмногу внимание при аплицирањето за одредена работна позиција?

Барателите на работа потребно е процесот на барање на работа да го третираат согласно своите вредносни системи и социјалните и економски потреби. Тие треба да се во чекор со трендовите, секогаш да имаат ажурирано CV, да ја следат понудата на работни места. Моето размислување е дека правото на работа како уставно право на секој поединец треба да има можност да се оствари. Тие што се без работа да се вработат а оние кои сакаат да напредуваат да ги имаат на увид потребите на пазарот од нивниот профил. Оние кои бараат работа потребно е да истражуваат за компанијата за која се подготвени да работат. Барањето работа за нас претставува работа.

Бобан М. Илијевски

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.