Uncategorised

ИНТЕРВЈУ- Неделков: Зошто на некого му пречат успесите на СОНК?

   Време за читање 11 минути

Ексклузивно интервју на порталот Работник со Претседателот на СОНК. Јаким Неделков. Разговаравме за договорот со Владата за раст на платите во основно и средно образование, потпишувањето на колективните договори, за можните турбуленции во СОНК, како и на други прашања.

Работник: Г-не Неделков, потпишавте Спогодба со МОН, според која вработените во основното и средното образование ќе добијат 5% зголемување на платите, наместо 12% кои ги баравте. Дали членовите на СОНК се задоволни од оваа Спогодба?

Неделков: Да, Советот на СОНК, врз основа на длабока анализа од изјаснувањето на синдикалните организации на СОНК, преку Регионалните одбори, донесе Одлука за потпишување Спогодба со која решивме неколку важни прашања кои го тиштат нашето членство, а тоа се:

  • Зголемување на платите на сите вработени во основното и средното образование за 5%, започнувајќи од октомвриската плата 2024 година;

Од аспект на тоа што првичните изјави на надлежните во државата беа дека пари во буџетот за зголемување на платите во образованието нема, па до процентуално зголемување од 5% сепак е прифатливо за најголем број членови на СОНК. Да не заборавиме дека усогласувањето во јавниот сектор беше линеарно и е приближно исто со нашето усогласување од 5%.

  • Зголемување на платите во споменатите дејности во наредните четири години, започнувајќи од март 2025 година за 7%,  март 2026 и март 2027 година од 7.5% до 10% и март 2028 година од 10% до 12.5%. Кумулативното зголемување на платите би било од 46% до 53% во период  од октомври 2024 година до март 2028 година. Имајќи го предвид фактот дека во наредните години зголемените трошоци за живот ќе бидат минимални, реално е и ова зголемување да биде видливо, а платата на просветниот работник да биде над просечната плата во државата, што не се памети во последните три децении.
  • Колективните договори за основното и средното образование да се потпишат до 20 февруари 2025 година.

И ова е болно прашање кое, убеден сум, конечно ќе го затвориме. Колективните договори кои веќе се изготвени во периодот на претходната власт и се во фиоките на МОН, чекаат на усогласување со новата власт. Се надеваме дека и овој пат аргументите и социјалниот дијалог ќе бидат пресудни за изнаоѓање на добри решенија од двете страни и колективните договори ќе бидат потпишани до договорениот датум. Ова е многу важно од причина што одредбите за плата и утврдената нова методологија за пресметка на плата ќе отпочнат да важат од месец март 2025 година.

img 20241012 125718 195 1

Работник: Реткост е синдикат на ниво на гранка да склучи спогодба за раст на платите во наредните четири години. Како успеавте да дојдете до таков договор?

Неделков:Точна е вашата констатација. Не се сеќавам дека во Македонија досега имало ваков договор. Сепак, ваквата наша идеја, поткрепена со тежината на аргументите, МОН ја прифати по претходна анализа и експертиза од министерството за финансии. Заеднички заклучок беше дека, освен прашањето за социјалниот статус на вработените во образованието, има и многу други важни прашања поврзани со образовниот процес, за што во наредниот период треба да работиме и најдеме заеднички решенија.

Работник: Баравте Колективните договори за основно и средно образование да бидат потпишани до крајот на декември 2024 година, а се спогодивте  до крајот на февруари 2025. Повторно отстапки, зошто?

Неделков: Да, СОНК отстапи од првичното барање, затоа што МОН побара дополнително време за анализа на веќе подготвените договори од страна на СОНК. Сепак, се работи за многу важни документи и не е паметно да се форсира, брза и погреши, што не посакува ниту една страна. Сепак, најзначајна е содржината на колективните договори и придобивките за членовите на СОНК од овие договори.

img 20241012 125718 397

Работник: На некои социјални мрежи жестоко Ве критикуваат за Вашето работење, бараат одговорност од Вас, дел од членовите бараат да го напуштат  СОНК и да се зачленат во друг синдикат за образование. Можни ли се посериозни турбуленции во СОНК предизвикани од “незадоволството” на членството?

Неделков: Па да, ова е веќе видено сценарио во минатото, каде секој успех на СОНК сака да се претстави како неуспех. Точно е дека има жестоки напади кон мене и кон членството на СОНК, вербални напади кои некогаш се граничат и со кривични дела. Со класична злоупотреба на една социјална мрежа, во формираната група на просветни работници, некој си зема за право буквално да ја приватизира и да врши јавна пропаганда против интересите на СОНК и на просветните работници. Се изгуби смислата на групата за што е формирана, се посеа злото меѓу просветните работници. Која е целта? Едноставно, да толку повторуваните лаги и клевети станат вистина, да се направи обид за разбивање на СОНК, а со тоа и да се намали моќта на убедливо најголемиот и најсилниот синдикат во државата.

 Работник: Кој ќе профитира од таквата состојба?

Неделков: Сигурно нема вработените во дејностите што ги застапува СОНК. Некои структури имаат партиско политички интереси, некои наводно синдикални интереси. Не е тешко да се препознаат и едните и другите, бидејќи тие тоа јавно го прават. Особено се многу интересни оние другите, кои во името на синдикалната борба сакаат да ги остварат своите лични интереси. Со континуираниот повик за отчленување од СОНК, а зачленување во друг синдикат, со аргументи кои се далеку од вистината, го потценуваат интелектуалниот капацитет на најголемиот број просветни работници, кои, на жалост на нашите противници, сепак се лојални членови на СОНК.

Тие сигурно не ги заборавија така лесно синдикалните активности на СОНК во вид на преговори, протести и штрајкови, со кои изминатите четири години ги зголемивме платите за околу 45%  кумулативно, а наредниве четири години очекуваме за околу 50%. Овие бројки се реалност, лесно проверливи и се заслуга на континуираната синдикална активност на СОНК. А тоа што некој сака да ги претстави просветните работници дека се “овци“ и дека додека тие постојат во СОНК ќе има и “волна”, само по себе кажува за какви “просветни работници” станува збор.

Работник: Велат дека Вие како лидер на СОНК многу брзо се приспособувате на секоја Влада. Значи ли тоа дека вашата “блискост” со партиите на власт е штетна политика за Вашиот синдикат и Вашите членови?

Неделков: Успех за секој синдикален лидер е да воспостави партнерски однос со секоја власт. Тоа не се должи на “блискоста” со политичките партии, туку на взаемното почитување на двата партнери, од една страна синдикатот, а од друга страна работодавачите, претставувани од власта. Според мене, многу е погрешно тврдењето, односно ставот на одредени синдикални членови или пак на некои синдикати, дека треба секогаш да се делува како опозиција кон власта. Тоа го прават најчесто маргинализирани синдикати кои не значат ништо на синдикалната сцена, немаат репрезентативност, немаат преговарачка моќ и сето нивно делување се заснова на популизам, прават нешто колку само да се рече дека прават, да го оправдаат своето постоење, но секако, без никакви резултати. Инаку, цврсто стојам на ставот дека власта е социјален партнер на синдикатот, без разлика на која политичка гарнитура припаѓа, на неа ги испорачуваме своите барања и од неа очекуваме исполнување на барањата.

СОНК досега многу пати докажал дека не е  ниту владин, ниту антивладин синдикат. СОНК се однесува онака како што се однесува и социјалниот партнер кон него, во однос на почитта, коректноста и конструктивноста.

Работник: Потпишавте и Спогодба со МОН за 0,7%?

Неделков: Уште една дрска манипулација на синдикалните противници на СОНК. Точно е дека потпишав документ со кој се добива основа за реализација на одредба од Општиот колективен договор за јавниот сектор, со кој работниците од јавниот сектор ќе добијат усогласување на платите за првите шест месеци во годината. Со штетниот Колективен договор кој е потпишан од претседателот на ССМ, наместо реалните 3,7%, работниците добија само 0,7%. И секако, не е виновен тој што потпиша таков штетен договор, туку сите ние грански претседатели од јавниот сектор, кои овозможивме да се спроведе таа одредба.

img 20241012 125717 973

Работник: И на крајот, на кого му пречат успесите на СОНК?

Неделков: И покрај обидите да се неутрализираат успесите на СОНК или пак да се претстават како неуспеси, одредени оркестрирани поединци или групи се надеваат дека со нивното делување ќе придонесат за намалување на моќта на СОНК. Не смееме да го заборавиме фактот дека повеќе од една година СОНК не може да го оствари своето право за обновување на решението за репрезентативност. Јасна е намерата на репрезентативниот синдикат во јавниот сектор – ССМ, кој е член во Комисијата, да прави опструкција во однос на учеството и работата на Комисијата. Со ваквата постапка на СОНК му се нанесе непроценлива штета, со неможноста за потпишување на колективните договори за основно и средно образование во почетокот на оваа календарска година. Не смееме да заборавиме дека покрај СОНК, и КСС немаше можност да добие репрезентативност во јавниот сектор, со што се направи штета на сите вработени во јавниот сектор.

На ова прашање  се чини дека одговорот е јасен и сите го знаат. Би завршил со прашањето: “A зошто на некого му пречат успесите на СОНК”? Да помогнам?

И покрај сите предизвици и искушенија, СОНК останува единствен во својата улога на бранител на правата на вработените во образованието, науката и културата. Останува убедливо најголемиот синдикат во државата, со најголем потенцијал за остварување на работничките права, со досега најдобри синдикални резултати. Е тоа им пречи на многумина, се плашат од СОНК и ќе сторат се за да му наштетат на СОНК. Впрочем, многу пати досега се обиделе да го сторат тоа, но без успех. Така ќе биде и овој пат, и секогаш, затоа што се работи за СОНК!