ИНТЕРВЈУ – Савески: Ако се намалат придонесите, поголемиот дел од парите ќе завршат кај капиталистите
- (ИНТЕРВЈУ) Коцевски: Како синдикат изразуваме поддршка за борбата против криминалните појави во МВР - 12/02/2025
- Сакате работа од соништата? Заборавете на CV – еве што навистина ви треба - 12/02/2025
- Колку претставки добил Државниот инспекторат за труд за неисплатен К-15 во 2024 година? (Графикон) - 06/02/2025
После подлого време интервју со Здравко Савески, универзитетски професор и активист за социјална правда. Со него разговараме на пет важни прашања, меѓу кои и за дебатата околу растот на минималната плата и дали сликата дека работничките права се подобрени е точна.
Како гледате на целата ситуација околу зголемувањето на минималната плата?
- Оправдани се барањата да се зголеми минималната плата. Особено во контекст кога функционерите толку драстично си ги зголемија сопствените плати и немаат абер да ги намалат. Работниците се многу поважни за функционирањето на општеството отколку сите функционери земени заедно, па следствено нивните плати треба да пораснат барем во истиот процент со функционерските.
Минималната плата сега, според последните информации за октомври 2024, изнесува 53,6% од просечната. Значи, таа сега е значително под нивото од 60% што беше (накратко) извојувано од синдикатите во 2022 година. Повишувањето на минималната плата во БиХ за цели 100% и во Црна Гора за речиси 100% покажа како се може кога се има политичка волја. Со оглед на тоа што и тие се земји што се борат да го запрат цедењето на нивната работна сила од страна на земјите на ЕУ, и во Македонија треба да се гледа на нужноста од значителен пораст на минималната плата како еден од механизмите за запирање на понатамошното цедење на работната сила. Да ја спомнеме и новата директива на ЕУ, што стапи на сила во ноември 2024, а според која минималната плата треба да биде најмалку 60% од просечната. Нели нашите влади, од прва до последна, се посветени на евроинтеграциите?
И, се разбира, работниците не смеат да седат со скрстени раце во однос на даденото прашање. Ако власта и капиталистите немаат слух за барањата на нивните синдикати, тие треба да бидат подготвени да излезат на протести, па и да организираат штрајкови за да ја принудат другата страна да ги прифати нивните оправдани барања.
Дел од бизнис секторот се согласува минималната плата да биде 500 евра, но придонесите да останат исти. Што мислите за оваа идеја?
- Ако се има волја од власта и капиталистите да го прифатат зголемувањето на минималната плата, секогаш има начини како тоа да се изведе. И претходно власта во одреден почетен период издвојуваше буџетски средства за да ја покрие разликата во бруто-платата предизвикана од порастот на нето-платата.
Она прашање што исто така треба да се адресира е минималната плата за самовработените лица. Незанемарлив дел од нив би се соочиле со сериозна опасност по опстанокот на нивните претпријатија поради промените нагоре на минималната плата. При изнаоѓањето модалитети што ќе важат при зголемувањето на минималната плата, треба да се адресира и ситуацијата со самовработените лица што исплаќаат минимални плати за себе.
Дел пак, велат дека потребно е да се намалат придонесите за да се зголемуваат платите. Ваш коментар?
- Тоа се само празни изговори на капиталистите со цел да ја разводнат дискусијата. Ако се намалат придонесите, поголемиот дел од парите што ќе останат ќе завршат како профит за капиталистите, а само помалиот дел ќе отиде на зголемување на платите на работниците. Практиката секогаш тоа го покажувала.
Се чини дека состојбата со работничките права се подобрува. Дали се согласувате и што Вие мислите?
- Таквото гледиште има малку основа во реалноста. По враќањето назад на капитализмот пред 35 години, правата на работниците континуирано се намалуваат. И стигнаа до многу ниско ниво. Претходната власт демек ќе носеше нов Закон за работни односи за да ја подобри (малку) ситуацијата, но го истера целиот мандат постојано одложувајќи го тој нов закон. И наместо тоа, направи шокантен упад во основните работнички права, продолжувајќи го работното време во одредени сектори на должини типични за 19 век.
Единствената промена што настана во последните години е што, поради значителното иселување на работниците, се јави недостиг на работна сила во многу сектори, па капиталистите се принудени од економските закони на понудата и побарувачката на пазарот на труд дури и самоиницијативно да ги зголемуваат платите. Но, платите се само еден аспект на работниот однос. Обесправеноста на работникот можеби е помала во споредба со ситуацијата пред неколку години, благодарение на моменталната констелација на пазарот на труд, но тоа не го менува фактот дека преку законските измени во претходните децении работниците сега ги немаат правата што претходно ги имале.
Голем дел од вработените во Македонија се соочуваат со сиромаштија. Како да го надминеме ова?
- Ние немаме точна слика за состојбата со сиромаштијата, бидејќи Заводот за статистика, без никој да им забележи, во последните години почнаа значително да го одолговлекуваат објавувањето на податоците за сиромаштијата. Па така, најновиот податок што го имаме денес, во 2025 година, е за сиромаштијата пред четири години, во 2021 година, кога таа изнесувала 23% и била во пораст.
Борбата за достоинствен живот вклучува здружување на работниците и борба за повисоки плати. Тоа е исклучително важното поле на колективната акција. Но, важна е и индивидуалната акција околу расходите. Ние живееме во време кога капитализмот, за да се одржи, го стимулира консумеризмот, односно го стимулира трошењето и на она што е потребно и на она што не е. Одвишното трошење го стимулира и преку нормализирање на задолжувањето, навлекувајќи ги луѓето на непотребно, па дури и опасно задолжување. Секој разумен работник треба да внимава и на своите расходи и да не дозволува да го вовлекуваат во консумеристичкиот барабан и на тој начин лесно да ги фрла тешко заработените пари. А особено тоа да не го дозволува по цена на сопствено ненужно запаѓање во долгови.