Интервју со Лукаревска: Не сум против прогресивното оданочување, но за да зборуваме за оданочување на богатите, прво треба да ги дефинираме кои се тие

Го укинуваме прогресивното оданочување, но не се откажуваме од прогресијата. Работиме на нов модел кој ќе биде во насока да се опфатат сите приходи во едно домаќинство. Јас не сум против прогресивното оданочување, но, за да зборуваме за оданочување на богатите прво треба да ги дефинираме кои се тие, да се утврдат прагови кои ќе имаат ефект па дури потоа да ги оданочиме. Сметам дека дека треба да креираме соодветен модел, добро креирано даночно решение носи и даночни придобивки, вели во првото интервју за годинава Сања Лукаревска, директорка на Управата за јавни приходи и заменик претседателка на СДСМ.

За резултатите на институцијата која ја предводи вели дека е задоволна од наплатата, и во однос на планот и во однос на 2021 година.

-За периодот јануари-декември заклучно со (27.12.2022 година), наплатата на приходите е за 17,36% повисока, во однос на наплатата во истиот период од 2021 година. За периодот од јануари до 27 – ми декември 2022 година, наплатен е износ од 102,8 милијарди денари, додека во истиот период лани, наплатен е износ од 87,6 милијарди денари. Годинава, споредбено со лани, имаме повисока наплата кај данокот на добивка за 44,88%, повисока наплата кај данокот на личен доход за 16,93% и повисока наплата кај данокот на додадена вредност за 12,3%, истакнува таа.

Во однос на даночната реформа и обвинувањата на опозицијата дека таа е за полнење на испразнетиот буџет, Лукаревска е децидна дека идеално решение нема, „но ние треба да го избереме најсоодветното“.

-Со прифатените измени се прошири даночната база преку таргетирање на даночните ослободувања и олеснувања во постојниот данок на личен доход со што се обезбедува поголема праведност на даночниот систем, како и правична распределба на даночниот товар по основ на данок на личен доход од труд и доход од капитал. Во однос на Данокот на добивка, предложените измени и дополнувања на законот треба да придонесат кон намалување на административниот товар на даночните обврзници и на УЈП како и воспоставување на неутрален даночен систем, категорична е директорката на УЈП.

За паѓањето на рејтингот на СДСМ според последните анкети, заменик претседателка на владејачката партија вели дека пораките на граѓаните треба да се земат сериозно во предвид, и дека во СДСМ, и таа лично, тоа го прават.

– Ако внимателно се анализира Анкетата, од неа може да се извлечат заклучоци за расположението на граѓаните во септември и октомври 2022 година. Тоа е само неколку месеци по вревата и ширењето на лажни вести за францускиот предлог, кога последиците од глобалната економска и енергетска криза најмногу се чувствуваа. Сега да се направи анкета сигурно дека ќе има одредени разлики, тврди во интервјуто Лукаревска.

Повеќе на Бриф.мк